fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаМлад земјоделецТоп вести

Андреј Атанасов-Живинарството во Македонија има иднина, секој сака пресно јајце

Иднината е во полуотворен систем на одгледување на јарките.

Штипјанецот Андреј Атанасов (28 ), е млад фармер со големи амбиции да успее како сточар, а како што и  самиот вели, ја има формулата со која ќе ја оствари целта да успее да го унапреди живинарството и семејниот бизнис.

Оваа гранка има иднина, тврди младиот фармер кој одгледува кокошки на фармата и својата иднина и егзистенција ја гледа во производство на јајца, но не било како, туку со полуотворен систем на одгледување на јарките или како што тој гордо вели „free range chicken“ систем.

Тоа појасни дека вака одгледувани кокошките се пуштени на испуст во текот на денот и живеат поприродно, а може да колваат црви, плевел и други инсекти, а  бенефит од овој систем на одгледување е добивање на поквалитетен производ.

-Идејата е моја и мислам дека сум меѓу првите со ваков одгој  во земјава, вели Андреј, кој како што истакна долго време минувал пред компјутер да се едуцира за овој начин на одгледување на кокошки, за што посетил и Меѓународен саем во Грција.

Пред шест години Андреј стартувал со одгледување на кокошки кои тогаш ги чувал во кафези. Почетната инвестиција била преадаптирање на старата фарма оставена во наследство, во близина на штипското село Чардаклија. Почнал со сто кокошки кои во тоа време кога ги земал биле еднодневни пилиња. Исхраната делумно ја покривал со сопствено производство на житни култури, а  дел купено. За кусо време по примената на полуотворениот систем тој сфатил дека на слободен одгој кокошките му носат повеќе  јајца и со подобар квалитет.

-Со овој систем несилките имаат подолг век на носивост, бидејќи експлоатацијата нема да биде толку голема. Така дојдовме до 600 кокошки од кои дел се јарки, други не, но генерално овој начин на одгој е попродуктивен, смета тој. Неговите кокошки се од  расата Ломан, друго јато е Амрок или селска несилка попозната како „граорка“, а чува и несилки од познатата „Њу Хемпшир“ раса.

Продуктивноста на кокошката е до две години. Потоа и опаѓа носивоста. Ако во кафезниот систем носивоста на една несилка е една, до година и половина, со полуотворениот систем таа има подолг век на носивост, вели младиот фармер.

Дневно на фармата на Андреј се произведуваат и до триста јајца. Тој очекува производството да се зголеми на петстотини. Додава  дека најстарото јајце кај нив е до четири дена и дека потрошувачите ја препознаваат разликата во квалитетот.

-Заклучивме дека со овој систем добивме поквалитетни јајца, а целта ни е секогаш да понудиме свежо јајце на потрошувачите. Не користиме комори како големите фарми каде се губи квалитетот на јајцето, туку продажбата оди на  систем фарма – трпеза. Јајцата се собираат рачно од групните гнездилки и се пакуваат, појаснува Андреј, за кого правилната исхрана е од големо значење за да се добијат квалитетни консумни јајца, а важно како што напомена е секогаш да се користи и свежа питка вода.

Нашиот млад фармер ни рече дека сиот потенцијал ќе го насочи кон сточарството и живинарството, како капацитет и знаење да се соочи со сопствениот предизвик или да го оствари она кон што тежнее, а тоа  е да одгледува најмалку 1.000 кокошки за кои ќе направи и модерна фарма по европски стандарди, а за кои сега само слуша и чита.

-Подготвен сум да направам фарма од две илјади кокошки, а ќе го задржиме овој систем што значи покрај фармата кокошките ќе бидат на испуст. Мора да имаат и засолниште, бидејќи во зима не можат да бидат на отворено, но ќе одиме на овој пуштен систем. Ваквото одгледување е преодна фаза кон органското производство кон кое се стремиме, вели Андреј со напомена дека тоа ќе биде следниот чекор што ќе го направи.

Живинарството да има поголема поддршка од државата

Трошоците се покриваат, но за овој сектор е потребна поголема поддршка од државата, дециден е Андреј. Според него доколку надлежните посветат повеќе  внимание младите фармери и помалите фарми кои сега се оставени сами на себе ќе бидат помотивирани да го унапредат сточарството и живинарството во државата.

-Јас како млад земјоделец  многу тешко можам да дојдам до информации. Се чини лесно е да добиеш средства од програмите за развој на земјоделството, но кога ќе тргнеш по нив ќе се појават повеќе непредвидени пречки. Мислам дека треба да се работи повеќе на терен за средствата да дојдат до земјоделците на кои им се потребни за инвестиции и модернизација на земјоделското стопанство, кажа тој.

Доколку државата посвети повеќе внимание во тој дел, Андреј смета  дека фармерите нема да имаат проблеми и повеќе млади ќе се ориентираат кон овој вид на производство.

-Треба идеја, упорност, не е лесно, но младите не треба да одат во странство оние што живеат како мене на село треба да бидат поупорни и да пробаат да работат. Тоа ќе биде подобро и за државата. Ќе има и за нас и за државата, не може сите да бидеме службеници, а ќе плаќаме данок, ќе биде подобро за сите, додаде Андреј.

Како проблем со кој се соочува не само тој туку и помалите производители биле субвенциите за амортизираните несилките кои се исплаќале по предавањето во кланичните капацитети. Вели  не можат да  ги предадат на сопствен трошок, бидејќи државата им плаќала  нешто повеќе од 100 денари од несилка. Андреј почнува со работа во шест часот наутро се хранат кокошките се собираат јајцата, а потоа се пакуваат и носат.

-Кога се сее се сее, кога се жнее се жнее, секој ден има работа, вели Андреј со желба да изгради фарма, да го зголеми производството и да вработи работници, но и да примени нови технологии за  брендирање на производството. Досега Андреј нема добиено средства од државата само поддршката и помошта од семејството, но  веќе  ги подготвува документите да аплицира  за Мерката млад земјоделец  и да добие  20.000 евра од државата за кои вели дека ќе ги  инвестира во семејната фарма и за заживување на живинарството за економски развој на руралните средини.

Јулија Малинова за Зелена берза

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close