Силно невреме удри по црешите и пиперките, земјоделците неосигурени
земјоделско осигурување имаат помалку од 4.000 земјоделци
Државата плаќа 60 отсто од трошокот за осигурување, но оваа можност не ја користат ни 4.000 земјоделци. Тие се потпираат на отштетите што ги добиваат од државата.
Силно невреме со град зафати повеќе региони во државата. Во Струмичко корнеше дрвја, а носеше и пластеници со пиперки и домати. Житницата Пелагонија обеле од град, во Кичевскиот регион се оштети родот на црешите и на други култури што зреат во овој период, а во одделни места во државава настрадаа и ниви со тутун. Климатските промени носат сѐ почести невремиња, но и покрај субвенционирањето од државата, земјоделско осигурување имаат помалку од 4.000 земјоделци.
Александар Мусалевски, раководител во Министерството за земјоделство, објаснува дека државата покрива 60 отсто од осигурувањето на земјоделците, а најмногу до 150.000 денари, но дека ни оваа субвенција не ги мотивира земјоделците да се осигурат.
– Земјоделците се потпираат на помошта од државата. Тие знаат дека доколку се случи некоја временска непогода, ќе дојде општинската комисија да направи процена и потоа тие ќе добијат финансиска помош од државата. Но, таа помош преку владината комисија е од 10 до 30 проценти од настанатата штета. Преку осигурителна компанија би можеле да добијат повеќе пари. Од друга страна, пак, до нас стигаат поплаки и во однос на процените на штетите од осигурителните компании – вели Мусалевски.
Државата плаќа 5 милиони евра отштети
Долгогодишната експертка во областа на земјоделството, директорката на „Агротим“, Ленче Николовска, вели дека има неколку причини зошто е мал процентот на оние земјоделски производители кои сакаат да имаат сигурност на производсвото.
– Прво, тоа е резултат на недоволната информираност за важноста на осигурувањето и поддршката од државата од 60 проценти за осигурителна полиса, потоа недовербата што ја имаат во осигурителните компании и, најмногу, мислам дека поедноставно им е, односно подобро им е да бараат обесштетување од државата. Ваквата состојба и ваквиот начин на размислување на земјоделците не е добар ниту за државата, која годишно исплаќа и до 5 милиони евра за штети од временски непогоди. Овие пари можат да се насочат во мерки што трајно би ги решиле проблемите, како мрежи за заштита од град или да се пренаменат во мерка со која секој земјоделец со апликацијата за субвенции би добил и осигурување. Во МЗШВ веќе се работи на изнаоѓање модел на земјоделско осигурување, кое ќе биде добро и за земјоделските производители и за државата, ќе видиме колку и како кај нас ќе функционира, но факт е дека треба да се реши овој проблем во земјоделското производство, за што се расположени и осигурителните компании и брокерски куќи. Со зголемување на бројот на осигурителни полиси, автоматски ќе се намали и цената и секој земјоделец ќе може да се осигури – оценува Николовска.
Како до пониска цена за осигурување?
И извршниот директор на „СН осигурителен брокер АД Битола“ Христо Кондовски вели дека државата мора да биде продолжена рака меѓу земјоделците и осигурувањето за да се осигурат што поголем број земјоделци. Тој објаснува дека најголем дел од осигурениците се во подрачја со голем ризик.
– Најголем раст на земјоделското осигурување има во Преспанскиот регион и во Пелагонискиот регион. Осигурувањето во моментов е доста скапо затоа што во тие подрачја каде што има осигурувања, често се случуваат временски непогоди. Државата мора да помогне да има диверзификација и тогаш може да очекуваме и пониска цена. Сега земјоделците во просек плаќаат 20 до 25 отсто од осигурената сума со премија. Ова значи дека ако проценетата вредност на поседот што се осигурува е 1 милион денари, полисата чини 250.000 денари, а 60 отсто од неа ја покрива државата. Земјоделците најмногу се осигуруваат од пожар, град, удар од гром и од бура. Тоа е основното осигурување, додека дополнително осигурување кое се плаќа дополнително е поплава и пролетен мраз од 15 април до 15 мај. Тие се сметаат во дополнителното осигурување затоа што се многу извесни и има голем ризик да се случат – објаснува директорот на брокерското друштво преку кое се вршат 80 отсто од земјоделските осигурувања.
Кондовски вели дека е и дел од работното тело во Министерството за земјоделство и дека во моментов се работи на еден нов модел на осигурување на земјоделците, односно на задолжително осигурување на сите земјоделци кои примаат субвенции, а ги има 60.000.
– Тоа е препорака и од Светска банка, а и од ММФ. Обесштетувањето на земјоделците да се тргне од државата, а да оди преку осигурителни компании. За поздравување е тоа што Владата покрива 60 отсто од трошоците за осигурување – заклучува Кондовски.