До кога ќе им ги чистиме лозјата на Италијанците и Швајцарците?
Граѓани од Источна Македонија одат на сезонска работа во Италија и Швајцарија, каде прво ги чистат лозјата, а потоа наесен и го берат грозјето
Голем дел од граѓаните од Источна Македонија одат на сезонска работа во Италија и Швајцарија, каде прво ги чистат лозјата, а потоа наесен и го берат грозјето, пишува Фактор.
Делчевци велат дека така ќе биде сѐ додека во земјава немаме доволно високи плати за пристоен живот. Според нивните кажувања, половина од жителите на градот одат на сезонска работа или пак ако не одат сега, тоа го правеле во минатото. Објаснуваат дека за неколку месеци, заработуваат по 3.000-4.000 евра, со што егзистенцијата им е олеснета откако ќе се вратат во родниот град. На сезонска работа заминуваат невработени, вработени во приватен сектор, но се случува и луѓе кои имаат државна работа, да земат одмор и да одат на берба на грозје.
„Тоа не е од сега, туку така е веќе 30 години, и не само од Делчево, на сезонска работа одат луѓето и од соседните градови. Денес секој сака да оди на одмор, да вози убав автомобил, да си ја среди куќата, а со овие плати тоа е тешко“, вели жителка на Делчево.
Мустафа Шатков, жител на Делчево објаснува дека во градот освен неколку конфекции, нема голем избор за работа и луѓето бараат начин да заработат надвор од државата.
„Најмногу заминуваат во Алба во Италија. Сега во мај и јуни се чистат лозјата, а потоа луѓето се враќаат два месеци овде, и наесен одат пак на берба. Се работи по 10 часа на ден во лозјата“, додава Шатков.https://faktor.mk/do-koga-kje-im-gi-chistime-lozjata-na-italijancite-i-shvajcarcite