fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

Планините плачат за добитокот

Постепен и перманентен тренд на опаѓање на одгледувањето крави, овци, кози…

Во Балканскиот Регион и пошироко, Македонија е позната и признаена како производител на висококвалитетни земјоделски и сточарски производи, кои и на светските пазари станаа бренд и се препознатливи во големата конкуренција. Тука пред сѐ се мисли на традиционалното галичко овчо сирење, кашкавалот, шарпланинското јагне, прилепскиот тутун, преспанските јаболка, росоманските праски, разновидните вина и ракии, градинарските култури и други сточарски и земјоделски производи.
Дека ваквата слика била присутна од поодамнешни времиња, ќе потврдам со дел од репортажата „Петровден без свадба“, објавена во „Нова Македонија“, на 21 и 22 јули 2001 година: „Еден од потомците на прочуената трговска фамилија на Лазар Цубалевски ми го даде да го прочитам написот за галичките трговци објавен во белградска ‘Политика’ на 20 април 1931 година, како Лазар Цубалевиќ и Стамат Дукиќ, двајцата од Галичник, успеале да продадат 80 тони галички кашкавал на берзата во Њујорк, САД“.
За димензиите на оваа бизнис-зделка би навел само неколку податоци. За да се произведе еден килограм кашкавал, потребни се шест литри овчо млеко, а за 80-те тони кашкавал биле потрошени 480.000 литри овчо млеко, односно годишното производство на млеко на 7.165 овци. Според производството на овчо бело сирење и овчи кашкавал, лесно се пресметува колку овци тогаш се напасувале на планината Бистра – над 150.000, а денес едвај околу 3.000 овци.

На почетокот на деведесеттите години на минатиот век, кога Македонија стана самостојна држава, на македонските планини се напасуваа над 2.000.000, а денес бројката е намалена на околу 350.000 овци. Во триесетте години самостојна и независна држава Македонија, сѐ што се создаваше и негуваше како бренд во сточарското производство, речиси сѐ се уништи. Приватизацијата на општествениот капитал на сточарските задруги се изврши последна, на нетранспарентен начин, по ниски и нереални цени. Новите сопственици наместо да ги зголемуваат стадата овци, тие со продажба ги намалуваа, многу од сточарските задруги фиктивно ги прикажуваа државните резерви на овци, книговодствено беа евидентирани, а во бачила ги немаше. Државата не водеше грижа за сточарството и поради тоа секоја година наместо да се зголемува основното стадо, бројот се намалуваше. Стимулациите за оставено женско млеко и за продадено млеко не се користеа за вложување за зголемување на стадото, а субвенции добивале и сточари што пријавувале двојно и повеќе од фактичката состојба, а имало и такви што немале ниту една овца! Сопствениците на сточарските фарми постојано се жалеа за аномалиите, за проблемите со распределбата на летните и зимските пасишта, со задоцнување на исплатата на субвенциите и друго, а нивниот лелек завршуваше како глас во пустина.
А нивните проблеми не се мали. Тука е пред сѐ проблемот со кој се соочуваат сточарите што на пазарот на трудот нема никаква заинтересираност за професиите овчар и бач и за другите работни места во сточарските фарми. Годинава цената на сточната храна во споредба со лани е зголемена за 140 отсто, јачменот минатата година се продаваше по 8 денари за килограм, годинава за повеќе од 20 денари, горивото постојано е во пораст. Тоа се проблемите што влијаат да се намалува сточниот фонд, бидејќи сточарите со производството не можат да ги покријат трошоците, а за печалба не станува збор. Откупната цена на живо јагне пролетва беше пониска во споредба со претходните години, како и откупната цена на млекото. За ваквите состојби сточарите го вперуваат прстот во погрешните економски политики на владите и на надлежните министерства во сите изминати години. Проблемите во сточарството не ги решаваа, а тие се таложеа и дојде крајот, да се затвораат фармите. Во маркетите сѐ поретко можат да се најдат домашни млечни, месни и сувомесни производи, нивното место го заземаат увозните производи, а цените постојано се во пораст.. повеќе на линкот https://www.novamakedonija.com.mk/ekonomija/planinite-plachat-za-dobitokot/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close