Во зејтинот и во јогуртот ставаат вода, а бурекот веќе не е четврт!
Освен кај лебот, шеќерот, зејтинот, намалување на грамажата е забележано и кај паштетите, чоколадите, кафето...
Во маслото за јадење, јогуртот, млекото и во сокот додаваат вода, четврт бурек не е веќе четврт, а килото одамна е 900 грама. Во борбата со инфлацијата, за да остварат профит, производителите ја намалуваат грамажата на производите или го намалуваат квалитетот. Намалувањето на количината на производи не е ништо ново, но тоа е поизразено во време на висока инфлација, бидејќи компаниите се борат со зголемените трошоци за состојки, пакување, работна сила и за транспорт.
Претседателката на Организацијата на потрошувачи на Македонија, Маријана Лончар-Велкова, вели дека намалувањето на грамажата е привлечно за производителите, бидејќи потрошувачите не го забележуваат, за разлика од зголемувањето на цената, кое веднаш го забележуваат.
– Намалувањето на грамажата на производите не е ништо ново. Кај нас, оваа практика кај производителите почна уште во 2008 година, кога имаше зголемување на производите. Освен кај лебот, шеќерот, маслото, намалување на грамажата е забележано и кај паштетите, чоколадите, кафето… Кога има покачување на цените, производителите го користат методот на намалување на грамажата за да остварат профит. Купувачите имаат привид дека купуваат поевтино и не забележуваат веднаш дека грамажата е намалена – изјави за ВЕЧЕР Лончар-Велкова.
Таа вели дека и четврт бурек не е веќе четврт, бидејќи корите ги прават потенки и никој не ти го мери бурекот. Во Босна, на пример, ти го мерат бурекот во грамови, треба и кај нас да почнат да го практикуваат овој метод, бидејќи сите пити се различни и не знаеш колку грама има во една четвртина, објави -https://www.vecer.press/
– Треба да има контрола на пазарот од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство и да проверат дали во некој од производите како зејтин, јогурт сокови итн. се достава вода. Јогуртот обично го означуваат со повисока или со пониска масленост и обично тој што е со пониска масленост, е потечен и е поевтин. Треба да се провери и квалитетот на маслото, бидејќи граѓаните забележуваат дека е потечен и прска кога го загреваат. Од друга страна, тука се работи и за квалитетот и кога ќе ги забележат овие работи, граѓаните нема веќе да го купуваат тој производ, а производителите ќе ги изгубат потрошувачите – појаснува претседателката на ОПМ.
Поради сите овие измами, како што вели таа, на купувачите ќе им дојде преку глава и ќе почнат сами да си месат леб, да прават јогурт, како и да купуваат благо млеко и сами да си го поткиселуваат.