Пченицата ја ожнеавме, но не и проблемите – родот недоволен, цените ниски
Според Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ожнеани се 267.000 тони пченица. Потребите на Македонија за пченица на годишно ниво се околу 320.000 тони.
И овогодинешниот принос нема да ги задоволи домашните потреби за пченица, па разликата ќе мора да се надомести со увоз. Според Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ожнеани се 267.000 тони пченица. Потребите на Македонија за пченица на годишно ниво се околу 320.000 тони. Но, она што уште повеќе ги мачи земјоделците е ниската откупна цена, поради која, како што велат сè помалку се одгледува оваа култура, иако е стратешка.
Дополнително, на светските берзи цената на пченицата е зголемена за 30 отсто.
Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство велат дека досега се собрани податоци дека се ожнеани 267.000 тони пченица.
– Заклучно со 10 септември се ожнеани 71.633 хектари пченица – велат од ресорното министерство.
Оттаму објаснуваат дека податоците за ожнеана површина ги добиваат на дневно ниво, со што крајните резултати би биле далеку поголеми. Посочуваат дека изминатите денови имаат проблем со хакерски напад, па информациите ќе ги добиваат тековно и така ќе ги информираат граѓаните.
И покрај тоа што Македонија важи за земјоделска земја, државта годишно увезува 100.000 тони пченица и 33.000 тони брашно, најмногу од Србија.
Ниска откупна цена за стратешка житна култура
Мемет Синани, член на Управниот одбор на Национална федерација на фармери вели во моментов пченицата се откупува за 17-19 денари за килограм, цена за која смета дека е прениска, со оглед на поскапувањата и на економската криза.
– Реалната цена за килограм пченица, за земјоделците да имаат профит, да сеат и да жнеат, треба да изнесува 27-28 денари. Да се дојде до конечен производ потребно е ѓубриво, кое е поскапено, исто како и нафтата за жнеење со комбајните. Во нашата држава пченицата е стратешки производ, тоа е уредено со закон, но државата не го почитува и ништо не презема за спас на оваа култура. Првично, откупот на пченицата се прави под реалната цена, а како стратешки производ надлежните имаат обврска во случај производната цена да е повисока од продажната, да ја надокнадат таа разлика – објаснува Синани.
Има ли капацитет земјава да ги задоволи потребите од пченица?
– Бараме државата да ја плати разликата во цената, плус 25 отсто да има заработка за земјоделецот, доколку продажната цена е помала од производната, но тоа законско правило не се применува. Баравме државата од нас да откупи пченица за стоковите резерви, а не тоа да го прави од увоз. Бараме и формирање Интервентен фонд – додава Синани.
Според него, ова е пропаст за земјоделците и тоа ќе се рефлектира следната година кога ќе има многу помалку засеана пченица. Додава и дека годинава површините засеани со оваа култура се многу помали од тие лани.
– Многумина не ја продаваат пченицата, туку ја чуваат за сопствени потреби, особено тие што имаат стока. А цената на брашното е три пати поголема од цената на пченицата Профитот на земјоделците оди кај трговците, млинарите, пекарите – додава тој.
Неговите предвидувања се дека ако и во иднина се нема стратегија за оваа житна култура, ја очекува истата судбина како и памукот, шеќерната репа, но и сончогледот.
– Секоја влада прави стратегија на долг рок и на крај ништо од тоа. Ако вака продолжи државата ќе ја изгуби и пченицата како нејзин стратешки производ – заклучува Синани.
За да има добар род, потребен е систем за наводнување
За количината и квалитетит на приносите од пченица огромен проблем се климатските промени, односно брзите промени на температурата, што според земјоделците, што прави стрес на пченицата и се губи во квалитет на производот, a се појавуваат и болести.
Проф. д-р Дане Бошев, од Катедрата за житни култури при Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје вели дека веќе е познато дека потребите на Македонија за пченица на годишно ниво се околу 320.000 тони.
– Според податоците, во 2022 година се посеани околу 78.500 хектари и, според ланскиот просечен принос од 3.400 килограми на хектар, сега се очекуваа околу 267.000 тони пченица. Но, добиеното производство годинава, според неофицијални информации, е околу 200.000 – 220.000 тони пченица и е под планираното – вели професорот.
За пченицата да има добар род, вели Бошев, неопходни се поголеми стратешки зафати – како на пример, систем за наводнување.
– Најкритични моменти се април и мај кога пченицата е во фаза на вретенисување, класење и формирање на зрното. Кога имате вода, може во една година и две култури да одгледувате. После пченицата и јачменот, можете пченка како втора култура. И некои лигуминозни кои истовремено имаат можност да ги збогатат површините со азот – порачува Бошев.
Анализата на податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) покажува дека производството на речиси сите земјоделски производи, меѓу кои и на пченицата, се намалува во изминатите 15-тина години. Според податоците, 2005 година е последната кога со домашно производство е достигната потребната количина. Мало приближување се забележува во 2016 година кога имало 306 илјади тони, додека во просек има драстично помалку. Од 2018 година производството на пченица се движи околу 240 илјади тони, заклучно со лани кога имало 243 илјади тони.
Кои се владините стратегии
Министерот за земјоделство Љупчо Николовски во март изјави дека 100.000 хектари обработлива површина во земјава стои неискористена, што е околу 20 отсто од обработливото земјиште во Македонија, па секое земјоделско земјиште ќе биде ставено во функција за да се зголеми домашното производство на житарки.Според него, веќе е подготвен план со мерки на среден и на долг рок за зголемување на домашното производство.
-Ако го зголемиме производството за 500 килограми по хектар, тоа се 30.000 тони годишно и целта ни е на долг рок да станеме увозно независни. Имаме пораст на домашното производство од 195.000 тони во 2017 година на 253.000 тони минатата година, со што значително се намалува увозот на пченица – изјави Николовски.Со националната програма за производство на храна се преземаат сите мерки да се стимулира домашното производство. Нема место за паники, нагласува, а за количествата што ќе се купат за стоковите резерви зависи од ребалансот на буџетот.https://novamakedonija.com.mk/ekonomija/pchenicata-ja-ozhneavme-no-ne-i-problemite-rodot-nedovolen-cenite-niski/