Министерот ја закрои лозата, земјоделците ги копачат лозјата
На Свети Трифун традиционално се закројува виновата лоза, за богат род и добро вино. Денеска традицијата ја испочитува и министерот Михаил Цветков, како институција, репрезент на власта во заминување и традицијата на небулозни, нереални изјави продолжи. Прво, на лозарите им посака бериќетна година, добра цена на грозјето и побрза исплата?! Ова го посакува човекот – институција како да е тоа судбина на лозарите, а не грижа на министерството. Освен временските прилики на кои не може целосно да се влијае, се друго, зависи од него, односно од владата. Ова им го посакува во година кога лозарите сеуште немаат земено пари за ланското грозје, кога субвенциите им доцнат една година, кога измрзна вранецот, а земјоделците поради неисплатливоста на производството најавуваат дека ќе ги копачат лозјата. Ова им го посакува институцијата која има задача и обврска да ги реши овие проблеми и да овозможи конкурено производство, сигурен откуп и навремена исплата на субвенциите. Од сето ова министерот одбра да го повикува Господ да помогне.
Но несериозноста на човекот- институција допрва следи. Овие луѓе се тотално одлепени од реалноста. Имено тој и неговите советници дошле до сознание дека само добро грозје дава добро вино( вистина?) и како излезно решение било лозарите да произведуваат квалитет
„Во тој правец еве имаме доставено барање до Антикорупциска комисија да ни одобри еден проект каде што ќе имаме демо фарми или демо лозови насади, каде што ние како Министерство ќе ги сносиме сите трошоци за да им покажеме на лозарите што е она што треба да се направи како агротехнички мерки, за да се добие еден квалитет“ -Цитат на машински инжинер во улога на министер за земјоделство.
Иако, навикната на глупостите на владата, признавам дека ова ме шокираше. Добро можно ли е до толку да се забегани? Можно ли е да не знаат каде е проблемот и како се решава?
Проблемот во лозарството е долгодишен и главно поради скапото производство, несигурниот откуп и неплаќањето од страна на винарските визби. За сите овие проблеми постојат решенија и сега согласно Законот за земјоделство и рурален развој кои само треба да се применат. Обезбедувањето на конкурентно производство е прво и основно, а тоа се постигнува со овозможување на поефтина нафта како што имаат сите други земјоделци во регион и во земјите од ЕУ. Потоа квалитетни и поефтини заштитни средства и ѓубрива, што се постигнува со поголеми контроли на увозниците. Следува организираниот откуп на грозје кога точно се знае колку грозје ќе откупат винарските визби, колку ќе остане вишок и како се решава тој, важно е лозарите да земат пари за своето производство бидејќи треба да вложат во новата сезона и нормално да заработат. Крајно, винарската визба или откупувачот да го плати грозјето навреме, според договорот кој пак е во согласност со закон. Во спротивно му се одзема лиценцата за откуп, но претходно да се исплати грозјето на производителите. Во меѓувреме Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството треба да ги исплати субвенциите во февруари пред старт на новата сезона. Со вакво организирано производство и стратегија на владата, нема проблем да се произведе и квалитетно грозје за добро вино. Штом лозарите ќе имаат пари за извршување на сите агротехнички мерки, квалитетот е тука. Ич да не секира министертвото, имаме ние лозари со традиција, кои произведуваат и по 100 тона квалитено грозје, но го даваат за без пари, додека некој со вакви небулозни изјави и проекти само ги понижува и потценува.
Дали се разбираме лозари? За министерот не верувам дека ќе се разбереме, неколку „реколти“ сме далеку еден од друг. За него сега е виновна Хрватска…