fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

Лубениците се скапи оти прекупците по два-три пати ставаат маржи

Земјоделците остануваат со најмала заработка

Прекупците ставаат големи маржи и затоа се толку високи цените на лубениците, доматот, пиперките и другите сезонски градинарските производи, велат земјоделците од струмичко. Цените по кои тие ги продаваат производите се далеку пониски, но трговците ставаат големи маржи, на што реагираат граѓаните, а земјоделците остануваат со најмала заработка.

Тоа се најчесто трговци кои во струмичко доаѓаат со камиони или комбиња и купуваат во големи количини како од пазарот на големо така и директно од производителите низ населените места. Затоа, земјоделците сметаат дека државата ќе мора да се погрижи за поголема контрола на таканаречените мали трговци.

„За да стаса производството до трпезата на потрошувачите, патува низ најмалку двајца до тројца трговци. Соодветно, секој си става маржа по своја проценка. Начинот на препродавање е следен, трговците доаѓаат во струмичкиот крај со камиони и купуваат во големи количини кои потоа ги препродаваат на други трговци или продавачи по тезги. Ставаат маржа до 30 отсто, на таа цена продавачите додаваат уште толку и затоа производството за крајните потрошувачи е доста скапо“, вели Ристо Велков земјоделец од Василево.

Тој тврди дека нема млади земјоделци, но и воопшто кој да ги обработува нивите, па затоа годинава за разлика од лани, за 20% се намалени засадените површини.

Според него доматите во струмичко се откупуваат по цена од 30 и 35 денари по килограм, а крајните потрошувачи плаќаат над 60 денари за килограм домати. Слично е и со краставиците и пиперките кои на пазарот на големо во Струмица се откупуваат по цена до 25 денари за килограм.

Во Струмица бостанот се продава по 10 до 12 денари за килограм, но, во останатите градови веќе подолг период лубеници може да се купат по цена од 30 денари за килограм.

„На пазарот на големо во Колешино, бостанот може некогаш да падне и на 8 денари за килограм, но по пазарите во земјава достигнува и до 20 денари за килограм, а во маркетите 30 денари. Значи трговците дупло заработуваат на нашата мака. Што да правиме, производството не чека, мора да го пласираме“, велат земјоделци од Колешино.

Ваквата состојба не се однесува за големите трговци кои имаат откупни пунктови и претежно откупуваат за извоз. Според нив, заради лошите временски услови годинава е намалено производството. Блажо Витанов вели дека има побарувачка за домати и друг зеленчук, но струмичките ниви се полупразни.

„Нема количини. Црвените домати ги откупуваме по 35 денари, а розевите и до 45 денари за килограм. Ги извезуваме на пазарите во поранешна Југославија, но и во Романија, Бугарија. Бостан без семка откупуваме за Германија и Чешка по цена од 18 денари. И со бостанот проблем е малата расположлива количина. Факт е дека трговците на црно го рушат пазарот. Дневно од струмичко купуваат и по 200 тони зеленчук и овошје за кои никој не води контрола. Производството го препродаваат во Скопје, а не плаќаат никакви давачки на државата“, вели Витанов.

В.Трајков

Извор https://sdk.mk/index.php/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close