Арнаудов: Задругарството не е обична кооперација, тоа е претприемачки модел на работа
Во регистерот на Министерството за земјоделство има 76 регистрирани земјоделски задруги, но според Арнаудов, функционални се 50-тина.
Задругарството го има во сите сфери, но кај нас е најпознато земјоделското здружување. Земјоделците, асоцијациите, здруженијата и надлежното Министерство имаат ист став – земјоделските задруги се потребни за унапредување на производството, пласманот и профитабилноста во производството на храна. Повеќе од итно е задругарството да се стави на функционални, стабилни нозе, а не само како буква на хартија.
„Не може да се сфати дека задругарството е само една обична кооперација и таа да биде само за потсмев. Задругарството е повеќе од тоа. Тоа е претприемачки, конкурентски модел. Така се живее во светот. Ако во една Италија, Холандија, Данска, Норвешка, Германија, меѓутоа и во многу други земји – Јапонија, Кина, Индонезија, Пакистан, Бразил, значи и во развиениот и во неразвиениот свет, еден фармер, земјоделски производител е член на најмалку три задруги и доброволно ги остварува своите интереси, не гледам зошто тоа во Македонија не би имало иднина. Но, за да може да живее, овде работите треба да се движат во многу правци. Транзицијата во Македонија последниве 30 години се одвива како една првобитна акумулација на капиталот во капитализмот. И ова што сега ние го имаме, е резултат на сите полиња. И во земјоделството, и во земјоделското задругарство е само инерција која трае многу долго време“, вели Ѓорѓи Арнаудов, претседател на Мрежата на земјоделски задруги.
Земјоделските задруги со слаб импакт во бруто општествениот производ
Десет до петнаесет години практикуваме земјоделски задруги. Во регистерот на Министерството за земјоделство има 76 регистрирани земјоделски задруги, но според Арнаудов, функционални се 50-тина.
„Тие 50-тина земјоделски задруги имаат многу слаб импакт во бруто општествениот производ: според бројот на вработеноста и на другите параметри со кои се изразува учеството во задругарството. Причините се повеќеслојни“, нагласува Арнаудов.
Ристо Велков, претседател на Сојузот на синдикати на земјоделците од Струмица смета дека формирањето на задругите во државава не го оправдало тоа за што тие се наменети. Потребно е да се обезбеди реално производство и уште пореален и профитабилен пласман на произведените земјоделски производи.
„Задругарството требаше да биде еден од најголемите начини на здружување на земјоделските производители, а со тоа, тие требаше да стапуваат во еден заеднички циклус на производство и заеднички циклус на пласман. Но, според мене, формирањето на задругите не го оправда тоа за што се наменети. Бидејќи, само првите луѓе на задругите, директорите примаат секој месец финансиски средства, а нема ништо околу организацијата, нема организирано производство. Според мене, сите членови во задругата, десет или дваесет, треба да одберат една сорта која ќе ја садат, ист начин на производство, заштита и на крајот, кога ќе дојде пласманот, претходно е директорот, или некој кој ќе ја води Задругата, да им обезбедат сигурен пласман на производите. Но, според она што се случува на теренот, ниту имаат заеднички пристап на производство, ниту имаат заеднички пласман што значи дека само една фигура профитира од формирањето на задругите, а тоа се директорите. Многу очекуваме од министерот за земјоделство кој, сметам, ги следи и ги разбира состојбите“, вели Велков.