Годинава тутунот „тежи“ околу 20 милиони килограми
Тутунари велат цената да биде 10 евра по килограм
Бербата на тутунот од годинашната реколта е пред самиот крај. Годинашниот род се очекува да тежи околу 20 милиони килограми и е нешто повеќе во однос на лани, а произведениот тутун е со одличен квалитет, уверуваат од Националната земјоделска мрежа. Иако климатските промени во последниве години земаат се’ поголем данок од земјоделието, сепак, годинава заради поволните температури во текот на октомври, тутунопроизводителите се надеваат на зголемени приноси, објави alfa.mk
„Тоа што се’ уште нема паднато слана, ни оди во прилог. Добар дел од „горните раце“, кои обично остануваа необрани на нивите, годинава ќе бидат соберени. Нашите пресметки се дека од 2 до 4 милиони килограми ќе имаме плус набран тутун, бидејќи бербата може да трае се’ додека не падне слана и додека има тутун на нивите“, – ни изјави Диме Димитријески, претседател на УО на Националната земјоделска мрежа.
Што се однесува пак, до престојните откупни цени, според Димитријерски, тие како Национална земјоделска мрежа очекуваат дека сега, со новата Влада, ќе бидат рамноправни партнери во креирањето и на цените, но и воопшто на иднината на македонското тутунопроизводство.
„Ние, како Национална земјоделска мрежа не отстапуваме од веќе добро познатите барања за измени на Законот за тутун. Тоа ни е еден од приоритетите, како што ни е приоритет и борбата за откупните цени да достигнат до 10 евра за кг тутун. А исто така, бараме и наше рамноправно учество во сите разговори и преговори со откупувачите и ресорното Министерство“, – појаснува Димитријески.