
Исплатени субвенции за пченица, јачмен, сончоглед, маслодајна репка и афионова чушка за 2024 година
Денеска е реализирана исплата во вкупна вредност од 265.720.530,00 денари кон 4.659 лица.
Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој денеска ја реализираше исплатата на подмерка 1.3 Дополнителни директни плаќања од подмерка 1.1 за остварено производство на пченица, јачмен, сончоглед, маслодајна репка и афионова чушка од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година.
Корисници на оваа подмерка се земјоделски стопанства кои се корисници на подмерка 1.1. од оваа уредба, кои имаат засеани и ожнеани површини со сончоглед, маслодајна репка и оствареното производство го имаат продадено во преработувачки капацитети, вклучително и за потребите на сопствениот преработувачки капацитет, а се запишани во Регистарот на откупувачи на земјоделски производи.
Корисници на оваа подмерка се и земјоделските стопанства кои се корисници на подмерка 1.1. од оваа уредба, кои имаат засеани површини со афион во есен 2023 година и пролет 2024 година, имаат одобрение за производство на афион согласно Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции и оствареното производство од афионова чушка од реколта 2024 година го продале во регистрирано откупно претпријатие запишано во Регистарот на откупувачи на земјоделски производи.
Корисници на оваа подмерка се и земјоделски стопанства кои се корисници на подмерка 1.1. од оваа уредба кои имаат засеани и ожнеани површини со пченица и јачмен и оствареното производство го имаат продадено или складирано кај регистриран откупувач, вклучително и за потребите на сопствениот преработувачки капацитет, а се запишани во Регистарот на откупувачи на земјоделски производи.