
Владата ја усвои Националната стратегија за консолидација на земјиштето 2025–2035
„Консолидацијата на земјиштето веќе не е само алатка за развој на земјоделството – таа претставува стратешки инструмент на земјишна политика што во иднина ќе ги поддржува пошироките национални цели, како што се прилагодувањето кон климатските промени, зачувувањето на биолошката разновидност и одржливиот рурален развој,“ изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
Владата официјално ја усвои Националната стратегија за консолидација на земјиштето 2025–2035, клучен стратешки документ кој поставува јасна насока за трансформација на земјоделскиот сектор на државата, поддршка на руралниот развој и унапредување на еколошката одржливост во наредната деценија.
Под водство на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Стратегијата беше изработена со поддршка од проектот финансиран од ЕУ „Унапредување на консолидацијата на земјиштето во Северна Македонија“, кој е кофинансиран и имплементиран од Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО). Нејзиното усвојување претставува клучно достигнување во рамките на проектот и поставува долгорочна визија за поефикасно, продуктивно и климатски отпорно користење на земјоделското земјиште.
Консолидацијата на земјиштето е клучен приоритет во напорите на државата да се справи со структурните предизвици во земјоделскиот сектор, како што се прекумерната расцепканост на земјиштето, ситни парцели со неправилна форма, мали земјоделски стопанства, напуштено обработливо земјиште и застарена земјоделска инфраструктура. Овие структурни слабости имаат негативно влијание врз ефикасноста, конкурентноста и долгорочниот развој на руралните заедници.
Како одговор на овие предизвици, Владата усвои нова долгорочна Стратегија за консолидација на земјиштето, со цел зајакнување на продуктивноста во земјоделството и шумарството. Стратегијата дава јасни насоки не само за надминување на неефикасностите во сопственоста и користењето на земјиштето, туку и за постигнување на долгорочна еколошка, економска и социјална одржливост во руралните средини. Пристапот на повеќенаменска консолидација на земјиштето, утврден во Стратегијата, е насочен кон намалување на расцепканоста на земјиштето, окрупнувањето на земјоделските стопанства, модернизација на земјоделската инфраструктура и зајакнување на отпорноста на земјоделскиот сектор на климатските промени. Стратегијата става силен акцент и на унапредувањето на заштитата на животната средина и обновата на природата преку консолидација на земјиштето.
„Консолидацијата на земјиштето веќе не е само алатка за развој на земјоделството – таа претставува стратешки инструмент на земјишна политика што во иднина ќе ги поддржува пошироките национални цели, како што се прилагодувањето кон климатските промени, зачувувањето на биолошката разновидност и одржливиот рурален развој,“ изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
Стратегијата е усогласена со Националната стратегија за земјоделство и рурален развој 2021–2027, приоритетите на Владата за периодот 2024–2028 и Националната развојна стратегија 2024–2044, придонесувајќи кон рамномерен регионален развој, зелена трансформација и демографско зајакнување на руралните области. Таа беше изготвена преку инклузивен и транспарентен процес започнат во февруари 2023 година, со вклучување на широк спектар на засегнати страни, меѓу кои: државни институции, Агенцијата за катастар на недвижности, Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за транспорт и врски, општините, академската заедница, коморите, граѓански организации, земјоделци и земјоделски здруженија.
Интегрирањето на консолидацијата на земјиштето во долгорочната земјишна политика претставува стратешка заложба на државата за целосно искористување на потенцијалот на земјоделскиот сектор и обезбедување развој што е правичен, одржлив и отпорен на идните предизвици.