
Владата со ребалансот ги пренасочува парите кон земјоделството
Владата испраќа сигнал дека руралниот развој и економското зајакнување на жените ќе бидат дел од нејзината политичка агенда.
Дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2026 година, Владата вчера го усвои по комисиската расправа во Собранието.
Од министерството за финансии денеска го соопштија начинот на кој се распределуваат дополнителните средства кои откриваат и какви политички и економски приоритети сака да истакне извршната власт во периодот што следува. Иако вкупните буџетски рамки остануваат речиси непроменети со приходи од 379,5 милијарди денари и расходи од 425,8 милијарди денари прераспределбата на средствата покажува дека Владата настојува да испрати порака дека економскиот раст и социјалната стабилност треба да одат рака под рака. Највидливата промена во ребалансот е насочена кон дополнителни средства кон категории кои традиционално имаат силно социјално и политичко значење.
Министерството за финансии известува дека земјоделството повторно добива истакнато место во буџетската политика, но овој пат акцентот не е ставен само на субвенциите, туку и на жените кои се занимаваат со земјоделска дејност. Со тоа Владата испраќа сигнал дека руралниот развој и економското зајакнување на жените ќе бидат дел од нејзината политичка агенда. Паралелно со тоа, истакнува дека ребалансот отвора и нова димензија на социјалната политика. Средствата за национална СОС-линија и за отворање на два центри за згрижување жртви на семејно и родово насилство покажуваат дека Владата се обидува да ја прошири улогата на државата во областите кои со години беа главно поддржувани од граѓанскиот сектор и меѓународните организации. Дополнителните издвојувања за социјални надоместоци, народни кујни, заштитни друштва и мерки за деинституционализација, исто така, зборуваат за обидот на институциите да одговорат на притисокот што растечките животни трошоци го создаваат кај најранливите категории граѓани.



