
Мицкоски: Со ребалансот ќе се исплатат субвенциите за 2025 година
– Ги наследивме неисплатените субвенции, заостанати плати во АД Водостопанство и Национални шуми, долгови и други проблеми. Денес тие плати се исплатени, а со ребалансот планираме да ги завршиме и директните плаќања за 2025 година – изјави Мицкоски.
Со ребалансот на Буџетот се обезбедени средства за исплата на директните плаќања за земјоделците за 2025 година, со што ќе се заокружи процесот на подмирување на заостанатите субвенции наследени од претходната власт, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Одговарајќи на новинарски прашања по увидот во градежните активности на инфраструктурни проекти во Делчево, Мицкоски рече дека Владата наследила неисплатени двегодишни програми за директна поддршка на земјоделците, како и финансиски обврски во повеќе јавни претпријатија.
– Ги наследивме неисплатените субвенции, заостанати плати во АД Водостопанство и Национални шуми, долгови и други проблеми. Денес тие плати се исплатени, а со ребалансот планираме да ги завршиме и директните плаќања за 2025 година – изјави Мицкоски.
Тој потсети дека досега биле исплаќани заостанати субвенции од 2021, 2022, 2023 и 2024 година, а со новите буџетски средства, како што рече, ќе биде затворена и програмата за 2025 година.
Воедно, премиерот информираше дека веќе е започнато аплицирањето за земјоделските субвенции за 2026 година.
Мицкоски посочи дека во меѓувреме Агенцијата се соочила со последици од надворешен хакерски напад, што привремено го отежнало работењето, но проблемот, како што рече, е во завршна фаза на надминување.
– Очекувам системот повторно да биде целосно функционален веќе во наредните денови, за да продолжиме непречено со обработката на барањата за 2026 година. Од двегодишни заостанувања, полека, но сигурно, воспоставуваме редовна динамика на исплата – истакна премиерот.




