fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиВидео/интервјуаИнтервјуаМакедонијаМеханизацијаМлад земјоделецРурална ЖенаТоп вестиШто е Зелена Берза?

Интервју на Никица Бачовски за Зелена берза-Неселективна исплата на СУБВЕНЦИИТЕ!

Бачовски вели земјоделците на располагање ќе имаат 8 милиони евра – европски средства за набавка на трактори и друга земјоделска механизација

Никица Бачовски, директор на Платежната агенција одговора на прашањата на читателите на Зелена берза, за исплатата на субвенциите и за проблеми со кои се соочуваат земјоделците а се поврзани со агенцијата.

 

-Во кој дел субвенциите се исплатени во целост и што останува за исплата за 2022 година?

Аплицирањето за директните плаќања во 2022 година беше во периодот од 06 Мај до 30 Јуни. Потоа следуваше период од 30 дена кој постои како можност за земјоделците доколку увидат дека имаат внесено грешни податоци во барањето, да го корегираат. По овој период започнува административната обработка на барањата, а паралелно на тоа се одвиваат контролите на терен за растително и сточарско производство, како и сателитските контроли. Обично секоја година до сега, субвенциите за кои се аплицира во одредена година, се исплаќаат наредната. Но, еве во оваа 2022 година, со огромни напори и вложен труд успеавме да исплатиме субвенции за тековната година во која се аплицирани. Сите овоштари добија по 12.000 денари / хектар по обработлива површина за оддржување на постоечки овошни насади. За таа намена, пред крајот на 2022 година се исплатија 9.563 овоштари со 123.2 милиони денари.

 

-Млекарите се жалат дека исплатата на субвенциите оди тешко, не е исплатена цела 2022 година?

Бачовски- Ќе го искористам прашањето за да ја објаснам оваа дилема. Често на социјалните медиуми и во мои лични пораки ги читам сличните коментари. Затоа, би сакал да појаснам дека субвенциите за млеко се навремено исплатени, и тоа како никогаш порано. Бидејќи како што образложив во првото прашање, некаде во јуни / јули 2022 завршува аплицирањето за субвенциите, во случајот кај сточарите за обележани грла со говеда, овци или кози. Контролите на терен за овие мерки се вршат до 30.11.2022 година. Бидејќи мерката за произведено и предадено млеко е поврзана со мерките за основните грла, најпрвин се исплаќаат субенциите за грло крави, овци и кози, а потоа и премијата за млеко. Секако, за да ги добиете директни плаќања и за основно грло и за премија за млеко, состојбата на вашето стадо при вршење на контролите на терен треба да соодвествува со пријавениот број и ушни маркици.

Лично сметам дека во 2022 година силно ги поддржавме млекопроизводителите. Преку програмата за директни плаќања, во 2022 година е исплатено предаденото млеко за 15 месеци, односно за периодот Октомври 2020 – Декември 2021 година. Дополнително преку интервентниот фонд беше исплатена дополнителна поддршка за предадено млеко. Така, во една календарска година финансиската поддршка за млекопроизводителите изнесува 700 милиони денари.

 

-Кога ќе бидат исплатени средствата за грант до 6.000 евра, од вториот јавен повик за мерката 115 „Поддршка на активен женски член на земјоделско стопанство“ позната како мерка „Рурална жена“.

Бачовски-Мерката за поддршка на активен женски член на земјоделско стопанство или попозната како мерка за Рурална жена беше објавена во Април 2022 година, а веќе во ноември се склучија и договорите. Одобрени беа 70 проекти поднесени од жени носителки на земјоделски стопанства кои добија грант од 360.000 денари за што беа одвоени 20 милиони денари од програмата за рурален развој. Согласно оваа динамика, добитничките на грантовите се сеуште во процес на реализација на нивните инвестиции и веројатно нивните барања за исплата ќе пристигнат во 2023 година.

Во 2022 година се исплатени 124 рурални жени кои беа потписнички на грантови од 3000 евра во текот на 2021 година. Нивните инвестиции беа поддржани и исллатени во висина од 100% од направените трошоци,а за таа цел исплатени беа 18.1 милиони денари.

 

-Овоштарите од Преспа прашуваат кога ќе бидат исплатените 3 денари интервентна субвенција за 2021 година?

Бачовски- Аплицирањето за дополнителните субвенции за индустриско јаболко и оризова арпа заврши на 31.08.2022. На овој повик,можност за аплицирање имаа сите производители на јаболко и оризова арпа кои своето производство го имаа предадено во регистрирани преработувачки капацитети во периодот од 16 декември 2021 – 30 јуни 2022 година.

По завршувањето на аплицирањето, следеше период од 30 дена за корекција на поднесените барања, а веднаш потоа започнаа и контролите во откупните претпријатија од страна на секторот за контрола на терен при АФЗПРР.

Поддршката од 3 денари за индустриското јаболко и оризова арпа ќе се исплатат во 2023 година со средства обезбедени преку програмата за земјоделство.

Да потсетам само дека слична поддршка се реализираше и на крајот на 2021 година кога беа исплатени близу 190 милиони денари за индустриско јаболко, односно над 60 милиони денари за оризова арпа.

Верувам дека досегашната пракса на неселективна реализација на мерките за дополнителна поддршка е смирувачки сигнал за производителите од овие категории дека финансиската поддршка и овој пат ќе се реализира согласно нивните барања за помош од државата.

 

-Кога ќе биде објавен повикот за набавка на трактори https://www.sinpeks-shop.mk/?

Бачовски- Во моментот во процес на обработка е јавниот повик за набавка на трактори кој беше објавен во Април 2022 година. Дополнително, преку ИПАРД 3 програмата која треба да започне со реализација во 2023 година, обезбеден е буџет преку мерка 1 – инвестиции во модернизација на земјоделските стопанства кој ќе биде наменет само за проекти кои предвидуваат набавка на трактори. За таа цел земјоделците на располагање ќе имаат 8 милиони евра – европски средства кои ќе бидат директно насочени кон обновување и модернизација на земјоделската механизација на македонските земјоделци.

 

-Има поплаки од земјоделци дека со години не зеле субвенции, а уредно аплицираат секоја година. Колку се чести ваквите случаи и на што се должат. Што ќе им порачате каде да се обратат? 

Бачовски- Од практичен аспект, можам да кажам дека постојат неколку причини заради која не се реализира исплата на субвенциите. Најпрво, сите апликанти кај кои е констатирано разлика при контрола на терен во делот на пријавени површини или пријавени грла, зависно од степенот на разликата доаѓа до намалување на финансиската поддршка или целосно исклучување од директните плаќања за 1 или 3 години.

Знаат да се појават и останати технички причини, како неважечка трансакциска сметка, непотпишано барање или пропуст при самото електронско аплицирање каде се случува да се поднесе барање за погрешна мерка или воопшто да не се селектира мерката за која барателот сака да добие финансиска поддршка.

Сепак, сметам дека ваквите случаи се многу малку, споредбено со бројот на поединечни исплати кои се вршат на годишно ниво,а нивниот број е близу 200 илјади поединечни исплати.

За сите прашања земјоделците можат најпрвин да се обратат до подрачните единици при МЗШВ,а потоа и на телефонските броеви или во просториите на АФПЗРР.

********************************************************************************************************************************

Во вториот дел од интервјуто Бачовски, одговара на прашањата поврзани со европските фондови наменети за земјоделците.

 

-Кога ќе се објави првиот повик од ИПАРД 3 Програмата?

Бачовски- ИПАРД 3 програмата беше усвоена во Март 2022 година, по што започна процесот на потпишување и ратификација на финансиските и секторските спогодби помеѓу Европската комисија и Северна Македонија. Службите од ИПАРД, односно колегите од АФПЗРР, МЗШВ и МФ работат на комплетирање на акредитацискиот пакет кој наскоро ќе биде испратен на усвојување кај службите на Европската комисија. Иако за сите овие бирократски процедури нема строго утврдени рокови, реално е да се очекува првите повици од ИПАРД 3 програмата да ги имаме некаде во вториот квартал на 2023 година.

 

-Дали се зголемени праговите на инвестиција?

Бачовски- ИПАРД 3 програмата се разликува од претходните програмски поглавја по тоа што доаѓа со зголемени минимални прагови на инвестициите. За мерка 1 минималниот праг се подига од 3000 на 10.000 евра, за мерка 3 од 10.000 на 20.000 евра, а кај мерка 7 од 1500 на 5000 евра.

Ова се должи на анализата која покажа дека како држава имаме најмногу склучени договори и најголем износ на исплати, но за жал имаме најнизок просек на висина на исплатени инвестиции. Ова даде јасен сигнал дека е потребно да се зголемат минималните прагови и да стимулираме поголеми инвестиции, за кои пак и нудиме подобри услови за финансирање, преку можноста за авансна исплата до 50% веднаш по потпишување на договорот.

За сите помали инвестиции останува на располагање програмата за рурален развој каде остануваат активни мерките за млад земјоделец, рурална жена, мерката за набавка на добиток и слично.

 

-Кои се најголемите проблеми за земјоделците при аплицирањето за програмите? Како да им се олесни процесот?

Бачовски- Сметам дека проблемите при аплицирање се надминати. Имаме добри проекти кои пристигаат и процентот на одбиени проекти заради некомплетност или несоодвеност полека се намалува. Она на што останува и ние како институции, но и медиумите да посветеме поголемо внимание е информираноста на земјоделците и останатите потенцијални корисници за можностите кои се нудат преку националните и европските програми за поддршка на македонското земјоделство и рурален развој.

Во 2023 година ќе посветиме многу повеќе време на афирмација на работата на АФПЗРР, но пред се на информирање на јавноста за сите успешно реализирани проекти.

Само за илустрација, во 2022 година имаме успешно реализирани и исплатени 592 проекти од програмата за рурален развој. Тука се инвестициите на младите земјоделци, руралните жени, новите трактори и комбајни за ориз со поддршка преку АФПЗРР, како и многу нови грла високостелен добиток набавен од фармерите со ко-финансирана поддршка од Агенцијата.

Дополнително, за само една година, во 2022 се исплатени 261 проект поддржани од ИПАРД 2 програмата со вкупно 17.8 милиони евра. Тоа се многу нови преработувачки капацитети, објекти за рурален туризам, фарми, земјоделци со обновена и модерна земјоделска механизација, овоштари со нови насади и системи за наводнување и мали бизниси од рурални средини на кои им помогнавме да воведат нови производствени технологии.

Заедно со поддршката од програмата за директни плаќања која изнесува 105 милиони евра и програмата за интервентен фонд со 11 милиони евра – вкупната финансиска поддршка во 2022 година за македонското земјоделство и рурален развој изнесува 140 милиони евра.

Во можеби најтешката година по 2-рата светска војна, финансиската поддршка за македонскиот аграр и рурален развој ги руши сите рекорди.

 

-За кои мерки има најголема заинтересираност?

Бачовски- Грантовите за млади земјоделци и рурални жени, како и мерката за набавка на високостелен педигриран добиток се најатрактивните мерки од програмата за рурален развој. Особено драга ми е мерката за набавка на добиток, преку која се освежува генетскиот потенцијал на македонското сточарство. Во 2022 година за оваа мерка се потпишаа 103 договори преку чија реализација во Македонија ќе се увезат над 3800 педигрирани грла на крави, овци и кози од Централна и Западна Европа. 

Кај ИПАРД програмта најчести се инвестициите во земјоделска механизација, опрема за преработувачките капацитети, како и пчеларска опрема за производство мед и други пчелни производи. Заради новонастаната ситуација со енергетската криза, се повеќе се зголемува интересот за проекти кои предвидуваат поставување на обновливи извори на енергија за сопствени потреби. Произведената енергија може да биде соларна, од ветер или од биомаса.  За таа цел, но и за набавка на нова и модерна опрема, во 2022 беше објавен повик за мерка 3 каде преработувачите на месо, млеко, овошје, зеленчук и житарици можеа да аплицираат со проекти за обновливи извори на енергија за сопствени потреби. Веќе се потпишани и првите договори и дел од нив предвидуваат вакви инвестиции кои се поддржани од ИПАРД со 60% од висината на трошоците. Овие можности ја прават АФПЗРР единствена институција во државата преку која се финансираат проекти во обновливи извори на енергија и директно се влијае врз динамиката на зелената транзиција.

Анета Блажевска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close