АФПЗРР : Објавен нов јавен повик од ИПАРД 3 програмата
Крајниот рок за поднесување на барањата е 28.05.2024 година
Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој денес го објави првиот јавен повик од ИПАРД III програмата за мерката за инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи.
Финансиската поддршка за овој Јавен повик е составена од 75% средства обезбедени од Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД) согласно ИПАРД Програмата 2021-2027 и 25% средства обезбедени од Буџетот на Република Северна Македонија.
Крајниот рок за поднесување на барањата е 28.05.2024 година
Вкупната финансиска поддршка во рамките на овој јавен повик за мерката 3 ,,Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи” изнесува 14.013.333 евра или 863.781.846 денари.
Секторите кои се опфатени со оваа мерка се :
Млеко и млечни производи;
Месо и производи од месо (вклучувајќи јајца и живина);
Овошје и зеленчук (вклучувајќи компири и мешункасти култури);
Житарки, мелнички производи и скроб;
Растителни и животински масти и масла;
Шира, вино, други ферментирани пијалаци, жестоки алкохолни пијалаци и оцет;
Риба и рибни производи;
Сточна храна и од фуражни култури;
Други производи произведени врз основа на производите опфатени со Анекс I од Договорот за функционирање на Европската Унија;
Производство на енергија преку преработка на растителни и животински производи од примарна и секундарна биомаса.
Корисници на поддршката можат да бидат правни лица, задруги и здружени правни лица за колективни инвестиции.
Минималната вредност на вкупно прифатливите трошоци на предложената инвестиција за оваа мерка не може да биде пониска од 50.000 евра во денарска противвредност не вклучувајќи ДДВ.
Максималната поддршка на вкупно прифатливите трошоци која може да биде доделена на еден корисник под оваа мерка изнесува 3.000.000 евра во денарска противвредност не вклучувајќи го ДДВ за целиот период на спроведување на Програмата.
Максималната финансиска поддршка која може да се додели на новоосновани правни лица (правно лице кое нема поднесено годишен даночен извештај за последната фискална година што ѝ претходи на годината на јавниот повик) по оваа мерка е 100.000 евра во денарска противвредност.
Максималната вкупна финансиска поддршка која може да се додели на поединечен проект според оваа мерка е 1.500.000 евра во денарска противвредност.
За повеќе информации посетете ја веб – страната на АФПЗРР www.ipardpa.gov.mk