fbpx
ВестиВкусот на традицијатаТоп вести

АХВ: Правилник за квалитет на мелено месо, подготовки од месо и производи од месо

Агенцијата за храна и ветеринарство ) им излезе во пресрет на операторите со храна преработувачи со месо и донесе нов подзаконски акт – Правилник за барањата во однос на квалитетот на меленото месо, подготовки од месо и производи од месо, изјави директорот на АХВ, Зоран Атанасов.

“Во соработка со експерти од областа на технологијата на преработка на месо, со невладиниот сектор и со бизнис заедницата, во новиот правилник, допрецизиравме одредени прашања кои се однесуваат на квалитетот на месото, со што создадовме основа за подобрување на деловната клима во овој дел од стопанството, односно за еднаквата поставеност на сите субјекти на пазарот. Новите одредби се и во насока на унапредување на правата за заштита на потрошувачите, поточно нивното право да бидат навремено, соодветно и детално информирани за тоа каква храна купуваат и консумираат”, рече тој.

Во правилникот, како што се наведува, се направени измени кои се однесуваат на деталното уредување на тоа кои категории месо може да се користат за производство на одредени производи.

“Унапредената заштита на потрошувачките права е во насока на обезбедување нивна подобра информираност за тоа што купуваат и тоа со воведување на задолжително декларирање на потеклото на месото и давање на информации во декларацијата дали производот е добиен од свежо или замрзнато месо, дефинирање на содржината на вкупни протеини и содржината на вода во производите. Ваквите новини се основа за гарантирање не само на подобра информираност на потрошувачот, туку претставуваат и основа за спречување на евентуална можност за нивна измама“, рече Атанасов.

Со новите стандарди од овој подзаконски акт, како што се наведува, предвидено е подготовките од месо и производите од месо, во декларацијата, освен задолжителните податоци за информирање треба да содржат и податоци за содржина на вкупни протеини, содржина на протеини од месо, содржина на колаген во протеини од месо и содржина на вода. Подготовките од месо, доколку се произведени од замрзнато месо, треба да содржат и информација дека се произведени од замрзнато месо со истакнување на датумот на замрзнување на месото.

“Досега на декларацијата не го пишуваше процентот на вода во месото, а токму додавањето вода е класична злоупотреба – плаќате месо, добивате вода“, рече Атанасов.

Тој информира дека од почетокот на годинава досега до Одделението за заштита на потрошувачите при Агенцијата не е поднесена ниту една претставка од граѓаните која се однесува на квалитетот на месото. АХВ најавува засилени инспекциски контроли со кои ќе се утврдува За тоа дали и колку од страна на операторите ќе се почитуваат новите одредби од Правилникот, директорот Атанасов најави засилени контроли од страна на инспекциските служби.

Претседателката на Организацијата на потрошувачи на Македонија – ОПМ, Маријана Лончар Велкова, истакна дека нивната организација заедно со бизнис заедницата и надлежните од Агенцијата активно учествувала во подготовката на правилникот со кој, како што рече таа, се изврши заокружување и на посебните области кои се регулирани со одредбите на Законот за безбедност на храната.

“Многу е важно купувачите да имаат увид во критериумите за означувањето на месото и преработките од месо. Сепак, повторно се останува на нивниот избор, какво месо ќе купат, но, унапредување има“, рече таа.

Гоце Трајчев, претседател на Групацијата на производители и преработувачи на месо при Стопанска комора на Македонија, посочи дека Агенцијата за храна и ветеринарство одговорила на барањето на членките на Групацијата за измена и дополнување на постоечкиот правилник, за што се одржани неколку заеднички состаноци на кои се допрецизираа новините.

“Се надеваме дека до први мај, најголемиот дел од преработувачите на месо ќе направат напор и целосно ќе го усогласат работењето со новини стандарди од Правилникот и во делот на означувањето, односно за декларирањето на производите“, додаде тој.

Агенцијата за храна и ветеринарство како што истакна директорот Атанасов ќе продолжи со спроведување на контроли на работењето на оваа категорија оператори со храна, со акцент на примената на новините од Правилникот за барањата во однос на квалитетот на меленото месо, подготовки од месо и производи од месо, со цел поддршка на фер конкуренцијата на пазарот и гарантирање на правата на потрошувачите да бидат информирани за тоа каков е квалитетот на месото кој го купуваат.

Од аспект на подобрување на деловната клима, во периодот што следи, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе пристапи и кон поедноставување на документацијата која задолжително треба да ја следи пратката. Комерцијалниот документ за храна од животинско потекло кој ја следи пратката ќе се интегрира и поврзе со слични типови на документи кои се потребни при транспортот на пратката, односно, ќе се изврши редуцирање на можноста од дуплирање на документацијата, а ќе се воведе и можност за електронско водење на таквата евиденција.

 


 

bi.mk

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close