Александра Чепарковска-Од продажбата на сирењето ги храниме овците
Беровско-Митрашинци-Тешка е состојбата во сточарството, одгледувачите на овци чекаат субвенции за 2020 година, без пари едвај се справуваат со обезбедување на храна за стоката.
Александра Чепарковска (38) од беровското село Митрашинци е жена сточар која со своето семејство одгледува преку 170 овци и неколку десетици јагниња. Александра со сопругот Сашко се занимаваат со сточарство и земјоделие, а прават и едно од највкусните беровски сирења, овчо домашно сирење какво што ретко може да се вкуси на нашите пазари.
Работата со земјоделието, Александра ја научила уште од мали нозе, но сточарството и правењето на сирење го научила откако се омажила.
Маката и тежината да се чува стадо со овци, да се биде жена, мајка на две деца и да се носи целиот товар на домаќинството не е едноставна работа, но Александра успешно се справува со сите предизвици. Таа дневно преработува 80 литри млеко во сирење, и всушност тоа е нејзината главна обврска. Занаетот да произведува вкусно беровско сирење кое е синоним за квалитет на овие простори го научила од својата свекрва. Сирењето го произведува на стар традиционален начин со маја.
-Нашата колиба со стадото овци е на само 1 километар од нашиот дом, па дневно имам обврска да го соберам млекото и да ги направам подготовките за сирење. Дневно сега сирам околу 80 литри овчо млеко, не ги молзиме сите овци заради јагнињата, од тоа млеко со маја правам сирење. Годишно произведувам до 800 канти по околу 8 кг сирење. Нашето сирење е високо квалитетно и го продаваме по цена од 350 денари за килограм. Муштерии имаме зошто сите купувачи кажуваат колку е вкусно и убаво нашето сирење, па добриот глас се шири, немаме проблем со продавањето. Нашето сирење е на трпезите во Кочани, Виница, Скопје, вели Александра, нагласувањето дека беровското сирење е вкусно заради неговата масленост и начинот на кој се одгледуваат овците.
-Нашите овци пасат на отворено, тоа значи далеку подобар квалитет за разлика од овци кои се чуваат во затворено, вели таа.
Она што го нагласува Александра е што токму продажбата на сирењето им обезбедува финансиска поддршка на семејството, ама тоа е поткрепа и за одгледувањето на овците.
-Субвенции нема, лани ги зедовме во февруари, сега за да опстоиме продаваме сирење, од тоа купуваме храна и за овците, иако во најголем дел и самите ја произведуваме. Значи кругот се врти, од овците млеко, од млеко сирење, а од сирењето храна за овците. Инаку тешка е состојбата. На почетокот на годината продадовме и јагниња за цена од 140 денари по кг жива мера, сепак многу ни се неопходни субвенциите, вели Александра.
Митрашинци, село во Малешевијата, северозападно од Берово, порано, до седумдесеттите години на минатиот век, било големо населено место со над 1.100 жители, но сега има околу 700 жители. Александра вели дека од селото се иселуваат цели фамилии и заминуваат во европските земји, а со тоа драматично паѓа и бројот на стока, на овци кои се одгледуваат во селото. Така ако порано имало стада со овци во секоја втора куќа сега, овци чуваат само неколку семејства во Митрашинци, зошто нема кој да ги одгледува, а младите се помалку се заинтересирани за сточарство како една од најтешките гранки во аграрот. Александра вели има среќа што нејзиниот постар син, иако 18 годишно момче има желба и голем интерес да продолжи со одгледувањето на овци.
-Големиот син Бојан е вклучен во работата на фармата, а исто така и помалиот Лука иако има 11 години, и тој помага. Сите сме ангажирани, а многу ни помагаат и свекорот и свекрвата. Многу млади заминаа од селото, а нашиот син сака да продолжи со одгледување на овците, па на неговата иницијатива оставаме женско јагне за приплод, вели Александра.
Според официјални податоци во Митрашинци, во атарот на селото преовладуваат шумите на површина од 2.933 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 1.608 хектари, а на пасиштата 844 хектари. Најголемиот проблем за семејство Чепарковски се ливадите и посебно изворите со вода во летните месеци за да се однесат на поило овците. Селото е ридско, на надморска височина од 800 до 840 метри. Во селото има поток, кој мештаните на локалниот говор го нарекуваат „андак“.
-Најголем проблем ни е поењето со вода на овците, далеку ни се реката Брегалница. Во близина имаме изворска вода, но за жал таа на лето пресушува. Од друга страна, тешко е овците да се потераат до реката, сопствениците на ниви реагираат дека им се гази земјата. Ние плаќаме пашарина и водарина, а тоа не ни е обезбедено од државата, многу пати сме пријавувале, сме реагирале до Општина Берово, но нема резултат. Пашарина плаќаме, а изнајмуваме приватни ливади да ги пасеме овците, се пожали Александра.
Семејство Чепарковски сериозно се занимава и со земјоделие, обработува околу 80 декари со пченица и околу 30 декари со пченка.
Анета Блажевска