fbpx
ВестиРурална ЖенаТоп вести

Александра Поповска-Селата имаат шанса, потребно е да се менува пристапот кон земјоделието и руралниот развој

Нашите овоштарници ни се оставени од дедо, прадедо, и никогаш нема да се откажеме од земјата која ни пружа сигурност. Селата имаат шанса и потребно е да се менува пристапот кон земјоделието и руралниот развој, вели Поповска.

 

Александра Поповска (38), е жена земјоделец од преспанското село Царев Двор, производител на јаболка и модри сливи. Семејството Поповски обработуваат 4 хектари под овоштарници и годишно произведуваат 250 до 300 тони јаболка. Александра е мајка на две малолетни деца, десет годишната Андреа и четиригодишниот Анастас и покрај бројните обврски во домот таа и сопругот Гоце, успешно се справуваат со предизвиците и обврските во земјоделието.

-Нашиот имот, нашите овоштарници ни се оставени од дедо, прадедо и нема никогаш да се откажеме од земјата која ни пружа сигурност. Да се биде земјоделец е начин на живеење и тука не влијаат само парите, приходите за некој да се занимава со земјоделие, тука е поврзаноста со таа земја, која е многу значајна и која се пренесува од генерација до генерација. Значи селата имаат шанса за развој само треба да се менува пристапот кон земјоделието и руралниот развој, вели Поповска во разговор за „Зелена берза“.

Бербата на јаболката во Преспанскиот Регион е во полн ек и се очекува да заврши до 15 ноември. Дотогаш семејството Поповски како и сите овоштари од овој крај имаат полни раце работа.

-Магацините се полнат со јаболка, се договора пласманот. Дел од родот ќе се продава по маркетите и тоа ни е договорено, а најголем дел од овошките ќе одат за извоз. Оваа година ајдаретот има цена од 13 до 15 денари, што е за некој денар повисока за разлика од лани, но факт е дека трошоците се големи и оваа цена е неисплатлива. Само за ангажманот на наемните работници, трошоците на дневна основа се многу високи, по 1300 до 1400 денари по работник. Но тоа е, убавото, доброто и маката одат рака под рака, вели Александра.

Од овоштарниците на Поповски дневно се берат и до 300 гајби со јаболка од сортите ајдарет, црвен и златен делишец, грини смит, јонаголд. Но, јаболката не се единствената обврска на Александра, таа во дворот од семејната куќа изградила пластеник и градина во кои нема што нема. Се што ви паѓа на памет од зеленчук и овошје, што вирее на овие простори го има во бавчата на Поповски.

-Зеленчук и овошје не купуваме на пазар или во продавница, се сами си произведуваме, доволно за наши потреби. Под фолија одгледуваме домати, краставици и пипер, а на отворено блитва, тиквиња, брокула, карфиол, цвекло, морков, грав, компир, кромид, праз, па дури и пченка за кочани. Имаме насади од лешник, цреши, праски, круши и секако малини. Се што човек може да посака може да набере свежо од нашата бавча. Пластеникот е уреден со се’ што треба, па ако преку денот се занимаваме со овоштарниците, попладне ни доаѓа како  релаксирање работата во градината, раскажува Александра.

Семејството Поповски за извршување на сите земјоделски работи ја имаат потребната механизација.

Грижејќи се за домот и децата, Александра подеднакво ужива и во готвењето, особено во традиционалните преспански специјалитети. Нашата жена земјоделец со задоволство раскажува за подготовката на познатото ѓомлезе под сач.

-Јас сум девојка од Ресен и дома не правев ѓомлезе, тоа беше специјалитет на баби ми, но откако се омажив, свекрва ми ме научи да го правам овој наш препознатлив специјалитет. Рецептот е познат, но суштината е во печењето на жар, за што треба соодветна подготовка, пирустија, или железен триножник за готвење на отворен оган. Кога надвор дува не правиме ѓомлезе. Сепак воопшто не ми е тешко за викенд да одвојам два – три часа да подготвам ѓомлезе и да си го соберам семејството на заедничка трпеза. Ние жените од Преспа подеднакво сме вешти и со сите специјалитети од тесто, а во благото се разбира главна улога има јаболкото, раскажува Александра.

 

Анета Блажевска

 

 

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close