Азески очекува да влеземе во ЕУ после 2030 година
Целта ни е да ги завршиме преговорите во 2030 година. Тоа е реално и достижно.
Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески не е оптимист дека земјава ќе влезе во Европсата Унија до 2030 година. Според него, ќе бидат потребни дополнително уште неколку години.
-Ние сме реални бидејќи сме реален сектор. Знаеме дека преговорите со ЕУ се уште немаат зелено светло, но ние се подготвуваме за таа работа и подолго време. Ние сме институција со најголем број кадри. Нѐ информира вицепремиерот дека процесот ќе биде во 6 кластери, во кои што ќе се отворат 33 поглавја, а во пет кластери имаме ние некаква врска од бизнисот. Ќе бидат потребни луѓе кои што ќе бидат инкорпорирани таму и ние сега ќе работиме на тоа тимот да го собереме. За датумот, уште пред 5 години, кога нарачавме студија од Виенскиот институт, господинот Глигоров ја спомна таа 2030 година, меѓутоа познавајќи ги балканските прилики, јас би додал уште некоја година. Три од карти, рече Азески во Тема на денот на Тв Сител.
Пред неколку дена премиерот Димитар Ковачевски соопшти дека наша цел е да станеме земја членка на ЕУ до 2030 година.
-Целта ни е да ги завршиме преговорите во 2030 година. Тоа е реално и достижно. Сигурен сум дека во следното проширување на ЕУ ќе биде и Македонија“, рече Ковачевски нагласувајќи дека тој процес, секако, ќе заврши со заштита на нашите интереси.