fbpx
Вести

Се бара здраво козјо млеко, а уште повеќе сурутката за лек

Kозјото млеко сe` повеќе е барано, како здраво за исхрана, но се поголем е бројот и на луѓето што ја бараат сурутката или цвикот како лек за разни болести, вели Боро Стамаџиев, од кавадаречкото село Мрежичко, под планината Kожув. Тој пред неколку години се вратил од Kавадарци да живее во селото каде што се занимава со одгледување кози. А сурутката, за која вели дека е се повеќе барана, е течноста што се цеди при правење на сирењето.

– Ми велат дека ја бараат како лек, некои како превентива за различни болести, па и за рак. Не можам да престасам да им обезбедам сурутка на сите мои блиски, роднини, пријатели и други што ми побарале – вели 56-годишниот Стамаџиев.

se bara zdravo kozjo mleko a ushte povekje surutkata za lek

 

Родум од Мрежичко, овој човек дел од животот го поминал во градот Kавадарци. На прашањето зошто и официјално се вратил во родното огниште пред околу четири години, одговори: „За перспектива“.

– По струка сум возач, но сега се занимавам со козарство. Почнав со десет кози. Ова ми е трета година како го работам ова, а ги направив 26. Имам перспектива од ова. Си одгледувам и свињи за фамилијата, млеко имам, сирење и месо исто така. Сметам дека нашето село има перспектива. Регистриран сум како сточар. Не сум користел поволности од страна, досега самиот вложувам, ова е моја сопствена инвестиција. Си одам во градот секоја седмица, но можам и на три дена да заминам. Многу сум благодарен на фабриката за вода од селото чиј превоз го користам. За зорт заман, ми помага комшијата. Kозите ги одгледувам за сопствена егзистенција. Тука се преродив. Ако ме држи здравјето, планирам да го зголемувам стадото и да вработам козар, а ако има услови, и ќе го развивам бизнисот – додава Стамаџиев.

Во селото Мрежичко има само неколкумина постојани жители, а привремено доаѓаат иселените или нивните наследници, но и многу љубители на чистата и здрава животна средина. Таму го сретнавме и 62-годишниот Ристо Ставров од кавадаречкото село Ваташа. Порано работел во градежна фирма, па кога не можел повеќе да издржи со тешката физичка работа, а и компанијата во која работел почнала да пропаѓа, работел како овчар на неколку места. Сега е козар и чува стадо на една фамилија.

– Морав од градежен работник преку овчар да станам козар. Го изгубив здравјето што се вели, друга потешка работа не можев да работам. Го научив козарскиот занает, не е тежок, би рекол дека е лесно. Сум пасел и по 400 овци самиот, па затоа тука ми е многу поарно. Овде ми е многу убаво, задоволен сум и со пари и со друга грижа. Помагам за молзење на козите, помагам и околу правењето сирење некојпат. Во седмицата еднаш или двапати си одам дома, кога како имам потреба. Задоволен сум од козарскиот живот – повторува Ставров.

На прашањето дали до пензионирање ќе биде козар, ни одговори дека со козите ќе биде се додека може да оди, додека го држат здравјето и нозете.

Kozjo-mleko1

Животот се враќа во Мрежичко

Животот полека, но сигурно се враќа во село Мрежичко, кое е дел од тиквешко Мариово. Иако со малкумина постојани жители, овде има фабрика за вода и пиво, рибник со пастрмки, ресторан и сместувачки капацитети, планинарски дом, а има и такви што дополнително размислуваат за отворање фамилијарен бизнис.

Но она што особено ги привлекува љубителите на природата и алтернативните туристи е токму недопрената природа и прекрасната селска идила. Вистинска атракција за посетителите претставува Темната пештера, за до која се планира да се уреди посебна пристапна патека, за да ја видат што поголем број луѓе. На пат до неа, во план е изградба на интимна плажа крај Мрежичка Река.

Вистинско уживање и едукација овде се нуди и за најмладите, кои забавувајќи се учат за домашни животни, пештерски објекти, како се мрестат рибите и слични нешта, кои во градот, но и во други селски средини, не можат да ги видат.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close