Бектеши: Може да добијат забрана за работа трговците кои неконтролирано ги покачија цените
Бектеши е уверен дека најголемиот дел од производите кои имаат нова повисока цена се оние од увоз.
Државниот пазарен инспекторат ќе испита на што се должи новиот бран поскапување на храната. Доколку се утврди дека има незаконско поскапување, казните за несовесниоте трговци ќе бидат повисоки, а им се заканува и забрана за вршење на дејност, изјави министерот за економија Крешник Бектеши.
Според него новите мерки за подобрување на куповната моќ на граѓаните ќе зависи од податоците кои ќе ги добие од Државниот пазарен инспекторат.
„Во делот на инфлацијата може и да нема а може и утре да има мерки. Значи од анализите кои ги добиваме на дневна основа и од Државен пазарен инспекторат и дирекно од секторот за трговија од министерството за економија“, изјави Бектеши.
Тој рече дека во текот на неделата ќе има состанок со Државниот пазарен инспекторат и тие ќе ги добијат насоките за да постапат во согласност со Законот за заштита на потрошувачите. Бектеши е уверен дека најголемиот дел од производите кои имаат нова повисока цена се оние од увоз.
„Ако е потребно, секако дека можеме да носиме привремени мерки, но мојот личен став го знаете. Кога се случуваат вакви неконтролирани зголемувања на цените, кои не се основани, во согласност со првичните информации што сум ги добил денеска, ако има здружување на одредени сектори, јас сум за да се оди и на Законот за заштита на потрошувачите, каде што се предвидени и поригорозни мерки, а ги знаете кои се поригорозните мерки. Таму има и забрана за вршење дејност“, потенцира Бектеши.
Од Стопанската комора на Северозападна Македонија изјавија дека не може да ги прифатат мерките од Владата за замрзнување на цените, бидејчи тие не се добри за бизнисот.