fbpx
ВестиТоп вести

Нови можности за овоштарите и градинарите во радовишко струмичко

 

Швајцарската агенција за развој и соработка ќе додели 250 илјади евра на 50 тина земјоделци од струмичкиот и радовишкиот регион за воведување модерни еколошки мерки во производството на овошје и зеленчук. Средства од третиот циклус на грантови се од проектот за управување со сливот на реката Струмица, кој го спроведува Програмата за развој на Обединетите  нации. Преку истиот проект 20 тина овоштари и 30 градинари од сите 6 општини од струмичко радовишкиот регион може да добијат грантови во висина од 5 илјади евра

„Овде во сливот на реката Струмица, ги поставивме основите за една долгорочна трансформација на начинот на кој се користат водните ресурси, а модерните мерки во земјоделското производство кои се користат во Европската унија и во Швајцарија ги претвораме во реалност“, рече амбасадорката на Швајцарија Сибил Сутер Техада.

УНДП кој го имплементира проектот заедно со Центарот за развој на југоисточниот плански регион  велат дека застарените методи на производство се покажаа како неодржливи од аспект на квалитетно и приносно производство  така и од одржување на природната рамнотежа со еко системите. Од таа причина ова година тие ќе го спроведат третиот циклус грантови за овоштарите и градинарите од струмичко радовишкиот регион да применуваат современи агроеколошки мерки кои нема да ги загадуваат обработливите површини на басенот околу реката Струмица

,, Охрабрени од резултатите што се постигнаа во пилот фармите во рамките на претходните циклуси на грант програмата, бројот на производители кои ги усвојуваат новите методи постојано расте. Прекумерната употреба на агрохемикалии и нерационалното трошење на вода за наводнување, доведоа до нарушување на природниот биланс на речниот слив. Но на повидок се решенија кои ќе помогнат да се надминат овие предизвици“, рече регионалната директорка на УНДП за Европа и Централна Азија Мирјана Егер.

Сливот на реката Струмица е еден од најважните земјодлески региони во земјата и според УНДП справувањето со проблемите поврзани со животната средина е главен приоритет. Со грантовите од швајцарската влада и примената на агроеколошките мерки преку зголемување на ефикасноста при наводнување, исхраната и заштитата на земјоделските култури , треба да се подобри конкурентноста  на земјоделските производи преку намалување на производствените трошоци.

За таа цел во рамките на проектот кој се реализира во соработка со Центарот за развој на Југоисточниот плански регион објавен е повик за избор на земјоделски производители кои би се вклучиле во специјализирани обуки за агроеколошкo производство. Можност да се јават на повикот имаат производителите на овошни култури (сливи, јаболка и круши) и градинарски култури (пиперки и домати) од општините Радовиш, Конче, Струмица, Василево, Босилово и Ново Село.

За учество на обуките планирано е да се изберат 40 производители на сливи, јаболка или круши (за обуките во Радовиш) и 60 производители на пиперки и домати (на отворено и затворено) за обуките во Струмица. Понатаму преку тест за проверка на знаењето стекнато во рамките на програмата за обука ќе се одберат 50 грантисти, 20 земјоделски производители на овошни културии 30 производители на градинарски култури од сите 6 општини.

,,Вредноста на секој грант ќе биде до 300.000 денари, средства наменети за набавки на опрема и материјали потребни за примена на предвидените агроеколошки мерки. Обуките ќе се организираат во периодот мај-јуни  и  октомври-ноември ова година, додека тестирањето ќе биде организирано во текот на месец декември 2019 година или јануари 2020 година, по што ќе се знаат кој ќе добијат грантови,, информираа од Центарот за развој на југоисточниот плански регион

Крајниот рок за пријавување е 30 април 2019 година. Повеќе информации  можат да се добијат во Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во Струмица каде се наведени и условите за добивање грантови од Швајцарската влада. Инаку преку овој проект веќе 100 градинари и овоштари од струмичко радовишкиот регион добија опрема со кои ги намалија трошоците за наводнвуање но и за агрохемиска заштита. Станува збор за системи капка по капка, опрема за анализа на влажноста на почвата, воздухот, опрема за анализа на хранливите својства на почвата итн.

В. Трајков

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close