fbpx
ВестиИнтервјуаМакедонијаТоп вести

Бенито Јошевски-„Синпекс амбасадор“ во интервју за „Зелена берза“

Во „Синпекс“ се чувствувам како во своја куќа

 

„Синпекс“-Битола слави 30 години постоење, а во очи на големиот јубилеј од своите долгогодишни и лојални потрошувачи избра неколкумина „Синпекс амбасадори“ на кои им оддава признание за професионалната соработка во минатото и денес, но и за она што заеднички ќе се гради во иднина.

Привилегијата да биде првиот „Синпекс амбасадор“ ја доби Бенито Јошевски (50) од Мургашево, Општина Демир Хисар, поранешен полицаец, кој повеќе од 30 години се занимава со земјоделие. Јошевски оваа „титула“ ја доби поради извонредната професионална соработка со битолската компанија, која трае со децении. Тој е исклучително лојален клиент, кој без оглед на се’, ги избира производите и услугите на „Синпекс“,уверен дека тие се најдобрите и најквалитетните на пазарот и истите несомнено, топло им ги препорачува на своите пријатели.

„Синпекс“ и „Зелена берза“ го посетија Јошевски во неговиот дом во Мургашево, а уште со првиот поглед во неговиот семеен двор беше јасно, дека е направен вистинскиот избор. Четири „Тафе“ трактори и бројна помошна механизација за секоја земјоделска операција. Едноставно дворот на Јошевски наликува на мини продажен салон на „Синпекс“-Битола, а Бенито емотивно вели: „Во „Синпекс“ се чувствувам како во своја куќа, зошто и тие моето семејство го прифатија како свое“.

***

 

З.Б-„Синпекс“-Битола ве избра за свој „Синпекс амбасадор“ привилегија која ја добија избрани клиенти на фирмата заради долгогодишната успешна соработка, која значи лојалност, доверба и професионалност во секој поглед. Се сеќавате ли на првите средби со тимот на „Синпекс“ и како го доживувате ова деловно пријателство?

Јошевски-Со „Синпекс“ соработувам од кога постои оваа за мене исклучително пријателска фирма. Најпрво го запознав Славко Петровиќ, основачот на „Синпекс“ и од тогаш во друга фирма за земјоделска механизација не сум влегол. Се додека работам земјоделие, ќе соработувам со „Синпекс“. Таму  и јас и мојот син Владе се чувствуваме како во своја куќа, а верувајте и тие нас не прифатија како свои. А за соработката, од секогаш сум ги имал привилегиите што ги имам и сега како „Синпекс“ амбасадор. Ова што го кажувам не е случајно. Се сеќавам како денес, учев безбедност во Скопје далечната 1986-87 година, на пат од Скопје за Демир Хисар, со другарите бевме автостопери, кога сега покојниот Славко застана и не превезе до дома. Никогаш нема да заборавам на таа средба и како анегдота раскажувам дека Славко додека возеше се мезеше со колбаси. И средбата и разговорот течеа пријателски, како да се познававме со години. Тоа ни беше првата средба и позитивниот впечаток не изостана. Сега јас на неговите деца често им испраќам домашни демирхисарски колбаси, да мезат за време на карантинот.

Инаку, тогаш Славко беше застапник за југословенска фирма. Подоцна кога се отвори „Синпекс“ за кусо време го купив првиот ИМТ 539 „Фергусон“ и една полска балирачка. Следната година, бидејќи имаше премногу побарување за балирање на сено и слама од други земјоделци купив уште една балирачка. Тогаш го добив и првиот совет од мојот пријател Славко, да купам втор трактор, по поволни услови и да напредувам со две машини. Ниту отидов да се задолжувам со кредити, туку со голема доверба, Славко среди се и тракторот беше мој. Го исплатив чесно. Јас никогаш повеќе не отидов на друго место за механизација, или за било што друго и да ми требаше од земјоделска опрема. Јас и сега велам- се додека постои „Синпекс“ јас ќе соработувам со нив. Не ме интересираат други фирми, ниту нивните понуди. Народски ќе кажам- Јас во „Синпекс“ имам одврзани раце. Ниту зборуваме за цени, се што купувам плаќам, се е чесно и со голема доверба. Таа соработка и тој однос после Славко продолжи и со неговите деца Синиша, Христина, Леонардо…

 

З.Б-Важите за еден од фановите на брендот „Тафе“, за кој „Синпекс“-Битола  е генерален застапник. А, сте еден од ретките земјоделци што поседува и бројна земјоделска приклучна механизација. Што значи за вас добра механизација?

Јошевски-Се што ни е потребно набавуваме од „Синпекс“: механизација, приклучна механизација, вештачки ѓубрива…

Моментално располагам со 4 трактори марка „Тафе“. Најновиот „Тафе“ од 85 КС го купив сега, оваа пролет во 2020 година. И еден трактор ИМТ„Фергусон“. Од кога го купив првиот трактор „Тафе“ во 2008 година, досега ниту еднаш не сум имал дефект, а има постигнато над 3000 часа работа. Издржливоста на машината за нас земјоделците е многу битна. Така што не сакам ни да пробувам со друга механизација. Што значи, комплетно околу житарицата, пченката, тутунот ја  имам комплетната механизација. Тука е кримлерот исто така набавен од „Синпекс“ пред пет години и побарувачката за нашите услуги се повеќе расте. Значи во овој мој двор се што е алат за земјоделие е од „Синпекс“.

 

З.Б-Важите за еден од покрупните земјоделци во регионот, кога се мисли на обработка на земја. Што произведува семејството Јошевски?

Јошевски-Обработуваме 56 хектари земја, од која 3,5 хектари е моја сопственост, се друго е под наем од приватни лица, од месното население. Последните десеттина години најмногу од парцелите, преку 40 хектари, ги  обработуваме со житарица, пченица. Околу 9 хектари пченка, 1 хектар под лешници и 1 хектар тутун. Нивите се сите во Демирхисарско, во атарите на Слепче, Граиште, Сопотница. Парцелите се расцепкани и не само што се прават поголеми трошоци, туку и времето се губи на менување на парцелите кога се сее, кога се врши заштита од плевели, кримлирање, едноставно  се губи на време. Но, во последниот период се обидуваме да ги окрупниме парцелите, на едно место од повеќе сопственици на ниви достигнавме до 2-3 хектари површина.

Житариците ги работиме јас и синот, а по потреба ангажираме и други работници. Работиме со пет трактори, ја вклучуваме и комплетната приклучна механизација, и немаме проблеми. Напролет вршиме услуги и на други земјоделци околу садење на тутун, пченка… Тогаш ангажираме и други млади лица да ни помогнат. Работиме во Демирхисарско, Пелагонија, Струшко.

Последните неколку години најдоходовен е тутунот, бидејќи на мали површини, да кажеме од 1 хектар тутун, може да се произведе 2,5 и до 3 тони тутун. Тоа во пари би значело околу 5 илјади евра по тон, предаден тутун и субвенции. Во производството на тутун се најмали расходите. Потребно е поголема нега и внимание на расадот додека да се расади, после тоа чекаме дожд. Ако заврни повеќе ќе има поголема количина, ама тогаш родот не ќе биде со толку добар квалитет. Во житарицата има поголеми расходи и трошоци, и цената не е поволна.

З.Б-Покрај традиционалните земјоделски култури, пред три години се решивте да инвестирате во нови насади од лешник, како нов профитабилен агробизнис, или како што многумина сакаа да кажат бизнис на иднината. Што значи за еден земјоделец  ризикот во нови инвестиции?

Јошевски-Насадот со леска е стар три години. Не помислувавме на ваква инвестиција, но синот беше во тој период на Шумарски факултет во Скопје и се запозна со увозник на италијански насад од леска. На синот беше желбата и се нафативме да инвестираме на површина од 1 хектар. Насадивме 500 стебла по стандарди кои ги наложи италијанскиот увозник. Едно стебло чинеше 195 денари со данок. Растојанието на редовите е 5 метра, а од стебло, до стебло 4 метра. Првата  година само што ги насадивме во есента, следната пролет поставивме систем капка по капка. Втора година ги прскаме со атомизер набавен од „Синпекс“, и немаме веќе маки да прскаме со рачни пумпи.

Прихраната ја вршиме два пати во текот на годината. По кажувањата на увозникот после шестата година инвестицијата се враќа, а веќе по 10 до 12 година  родот ќе биде „под полна пареа“. Според пресметките на увозникот, ако стеблата се добро третирани родот достигнува до 15 килограми по стебло. Пласманот е обезбеден со цени кои зависат од берзата, но под 2 евра не може да биде еден килограм лешник, зборувам за лешник во лушпа и тоа при берба. Насадот сака и одржување и негување, ако некој мисли дека ќе посади леска и ќе чека да го собере само родот, се лаже. Напротив, секоја инвестиција е вложување која бара труд и посветеност, на крај доаѓа и добивката.

Анета Блажевска

 

Слични написи

Back to top button
Close