вестиМакедонијаРурална ЖенаТоп вести

Бев жртва на семејно насилство,во животот ја искусив и правдата и неправдата

(Oвој напис е објавен на: јануари 28, 2020)

Пелагонија

 

Бев жртва на семејно насилство,во животот ја искусив и правдата и неправдата

 

Од 1 јануари до  30 септември годинава пријавени се 44 случаи на семејно насилство врз жени во градот Битола и 13 случаи на насилство врз жени по селата.

 

Аница Аврамовска (58), од пелагониското село Новаци ежртва на семејно насилство.Млада останала  самохрана  мајка, со две деца и по смртта на нејзиниот сопруг била нападната од свекорот. Случајот го пријавила во полиција. Судот во Битола пресудил во нејзина корист, но по пресудата свекорот ја избркал од семејната куќа во која со години живееле и придонесувале со сопругот.

-Бев жртва на свекорот, по смртта на сопругот ме нападна во купатилото  додека се капев. На што личеше тоа, свекор да ти влези во купатило? Тоа беше најтрагичното. После тоа не избрка. Сакаше да ме убие, да не сум постоела веќе. Го пријавив, на судот падна и ме исфрли од куќата. Судијата беше жена и само што ме виде рече-има многу вакви случки, и го осуди свекорот, раскажува Аница констатирајќи дека-Повеќето жени по селата „се жртви на насилство од своите дома, но за тоа најчесто се молчи“.

Случајот на Аница е пред десеттина години, но ситуацијата со семејното насилство во државата не се менува на подобро, напротив од година во година е се полошо.

Според официјалните бројки на Центарот за социјални работи во Битола и годинава во првите девет месеци регистрирани се 57 случаи на семејно насилство врз жени, и од градот и од селата.

-Според нашата статистика од 1 јануари до  30 септември годинава пријавени се 44 случаи на семејно насилство врз жени во градот Битола и 13 случаи на насилство врз жени по селата што се под надлежност на Центарот, изјави Моника Стојчевска, ве-де директор на Центарот за социјални работи во Битола за „Зелена берза“.

Голготата на Аница

Голготата на Аница започнала кога сестрите на покојниот сопруг, покренале судска постапка да и ја одземат семејната куќа во која живеела  сосинот, а која се уште била имот на нејзниот свекор.  Иако за неа и замногумина било несфатливо, судот пресудил да и се одземе куќата, така  Аница и синот преку ноќ се нашле на улица, а ќерката пред тоа ја омажиле.

-Сопругот ми почина на 47 години, млад, само три години по неговата смрт моите  золви, односно неговите сестри ми ја зедоа куќата, со синми преку ноќ не исфрлија на улица. И замислете отидовме на суд и на Основен суд пресудија дека имаме право на куќата, ама кога предметот отиде на Апелација,пресуди дека немаме право на нашиот дом. Со децении со сопругот градевме и работавме на таа куќа. Тој работеше возач во ЗК Пелагонија,земаше пари, вложуваше во нејзиното  одржување, побаравме дел од куќата, судот и тоа не ни го дозволи. Куќата беше проценета на 50 илјади евра, барем 10 илјади евра да ни дадеа  да почневме од некаде. Не, не сме имале право ни рекоа, и на ден Велигден ни дојде пресуда-како знајте да се иселите, ја раскажува Аница својата животна приказна за „Зелена берза“.

Рокот за иселување од куќата првично бил два дена, за потоа по жалба да сепролонгира на 15 дена. Во тоа време едвај успеале да најдат засолниште.

-Тешко беше, за кусо време отидовме под кирија, три пати се селевме,па решивме да градиме наша куќа. Премногу тешко го поминав тој период, особено како самохрана мајка. Не бев вработена и малку тутун што работев на нивата со тоа  живеев, да го предадам тутунот, па да имаме за лебче. Тешко беше, тежок животот. Кога останав сама  имав 42 години, и додека да стигнам до правото на семејна пензија, едвај доаѓавме до парче леб, се присетува Аница.

 

Мора да се успеа и да се створи нов дом

Жителите  на селото Новаци и дале поддршка во целата ситуација. Ја помагале колку што можеле, ја охрабрувале да продолжи во битката.

-Сите ми даваа поддршка и се чудеа  како  семејството на мојот покоен сопруг сеоднесуваше кон нас, особено кој синот. Луѓето посвојуваат деца за да има на кого да го остават имотот, а дедо му го избрка на улица. Ова нашето е чудо, зборува таа со разочараност.

Се присетува дека во тие моменти, сепак наоѓала сила да се справи со сите препреки и да ја води позитивна мисла да створи наново дом за синот.

-Во најтешките моменти незнам од каде ми доаѓаше таа сила и храброст, само си велев- мора, мора, мора да се успее, да се работи и да се створи нешто. Така си купивме место после некоја година, си изградивме куќа на два ката, синот го оженив, сега имам четири годишно внуче. Се чувствувам уште похрабра, уште трчаме, работиме за дома, и сега не се жалам туку можам да се пофалам дека имаме се што ни треба. И синот има такси  фирма и снаата работи, а јас го чувам внучето, што има поубаво од тоа, вели Аница, додавајќи дека на своја кожа ја искусила и правдата и неправдата.

 

Загрижувачки тренд на прифаќање на насилството во Македонија

Во речиси 90 проценти од сите пријавени случаи на семејно насилство жртвите се жени, говорат анализите на Хелсиншкиот комитет.

Заклучно со септември годинава, во Македонија биле пријавени 709 случаи на семејно насилство во државата, од нив, 610 жртви биле жени. И во светски рамки, бројките се поразителни- секоја трета жена била жртва на некаква форма на насилство во домот.

Од Хелсиншки предупредуваат дека само два отсто од жените кои доживеале насилство од сегашен партнер го пријавиле тоа во полиција, па оттука, бројката на жртви веројатно е далеку поголема.

Истражувањето, пак, на ОБСЕ покажува дека постои и загрижувачки тренд на прифаќање на насилството во Македонија. Според ова истражување, секоја шеста  жена смета дека насилството врз жените е вообичаено, а речиси три од десет сметаат дека тоа е многу честа појава.

Во 2018 година во центрите за социјална работа во Македонија биле регистрирани 1300 случаи на семејно насилство, во кои најголемиот дел од жртвите биле жени.

Анета Блажевска

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close