fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиВиноМакедонијаТоп вести

Блаже Стојановски-Голем е предизвикот да се биде на двете страни и лозар и винар

Горд сум на признанијата и наградите за моите вина.Блаже Стојановски  е млад лозар, сопственик на семејната винарија „Подрум Параџик“ од селото Ваташа во Тиквешијата.

Блаже Стојановски  е млад лозар, сопственик на семејната винарија „Подрум Параџик“ од селото Ваташа во Тиквешијата.

Стојановски е образован енолог, член на здружението „Тиквешки семејни винарии“ кое што е формирано пред две години, а со кое членовите успееја да издејствуваат измена на Законот за вино, можност лозарите да се регистрираат како физички лица производители на вино.

-За продолжување на традицијата за производство на грозје и за производство на вино се одлучив пред се поради љубовта кон лозарството и винарството, бидејќи уште од мали нозе сум по лозовите насади на моите дедовци, па така и се роди оваа љубов. Но, освен производството на грозје ја искористив шансата и јас да направам финален производ вино и ракија, вели Стојановски во разговор за „Зелена берза“.

Младиот Блаже е трета генерација на производители на грозје во фамилијата Стојановски. И прва генерација која што се занимава со професионално производство на вино, ако како што вели, не го смета вложувањето на неговите предци кои што произведувале вино за сопствени потреби. Сега главниот фокус на младиот лозар и винар е семејната винарија „Подрум Параџик“.

-Моментално обработувам приближно еден хектар лозови насади. Пред се Вранец и Смедеревка и сега имам обнова на еден лозов насад од 3 декари кој што од минатата година е засаден со сортата Темјаника. Недостатокот од некои сорти грозје го откупувам од свои кооперанти.

Сега за сега произведуваме само на конвенционален начин. Се уште не произведуваме органско грозје, но следејќи го трендот за производство на здрава храна се надевам дека во скоро време некој од лозовите насади кои што ги имам ќе успеам да ги пренаменам во органско производство, но пред се зависи и од регионот и дали ќе ми дозволат микроклиматските услови за успешно производство на органско грозје, вели младиот лозар со напомена дека многу голема улога за органското производство на грозје сепак има микроклимата во локалитетите.

Стојановски ја направил разликата на индустриски производ и производ која го нуди една семејна винарија.

-Идејата за да се направи сопствена семејна винарија е пред се љубовта да се произведе нешто свое нешто што ќе се разликува од индустриското производство на вино. Едноставно нешто што е направено со многу труд, љубов и внимание, вели тој.

Што се однесува до постапката за отворање на мали семејни винарии, Стојановски вели дека таа е поедноставена и е поттик многу млади лозари од Тиквешијата да отпочнат свој бизнис.

-За да се регистрира една семејна винарија сега со измените на Законот за виното, во однос на времето, ако ти се комплетирани документите е многу брзо, за неполна недела може да се регистрира семејна винарија. Околу финансиските средства за регистрација на семејна винарија исто така се издејствувани измени преку нашето здружение „Тиквешки семејни винарии“ и тие трошоци се многу намалени од 10.000 денари на 1.500 денари за производство до 30.000 литри годишно. Исто така и условите во поглед на опремата и просториите се основните кои што еден објект мора да ги задоволи, пред се тука спаѓаат: довод на вода, електрична енергија и одвод. Од опремата сад за ферментација, гроздомелачка и сад за чување на виното, односно најосновната опрема за производство на вино, вели Стојаноски.

Голем е предизвикот да се биде на двете страни и лозар и винар, вели Стојановски.

-Да бидеш на двете страни и како лозар и како винар е голем предизвик. Внимание посветуваш едноставно на се’, од почеток на вегетација до самата берба, постојано си во искушение, се грижиш внимаваш на се, едноставно си целосно внесен во обостраниот процес, бидејќи ако успееш да произведеш квалитетно грозје, несомнено е дека ќе произведеш и квалитетно вино од тоа грозје. Ефектот е тој колку повеќе внимание ќе посветиш во производството на грозје толку подобро вино ќе направиш, порачува Стојановски.

Но, што е она што е посебно во вината  на „Подрум Параџик“. Колку традицијата, а колку современите текови имаат влијание и колку младиот винар ги применувате некои стари марифети во производството на вино, оставени во семејната традиција од дедо, прадедо.

-Што е посебно во вината од мојата винарија?- тоа треба да го кажат пред се потрошувачите. Но, можам да го издвојам моето вино Вранец кое што го правам од грозје од два микролокалитети со различна надморска висина, Моклиште и Манастирец,  со одлично избалансирани шеќери и киселини со кое што во 2019 година на натпревар за млади вина организиран од страна на ‘Енолози на Македонија’ беше наградено со GRAND GOLD MEDAL. Истото вино од истата берба на сеам во Белград на BEOWINE 2020 година, освои уште едно признание Gold Medal во конкуренција на 14 земји од Европа и преку 1.300 мостри на вино. Признанија на кои што сум посебно горд. Вината ги произведувам на традиционален начин. Секако дека и современите токови имаат големо влијание врз целокупното производство. Сега за сега произведуваме вино од сортите Вранец, Смедеревка, Совињон Бланк, Ризлинг и Розе Куве, вино од сортите Вранец и Мускат Хамбург. Од наредната година во палетата на вина ќе се најде и виното од сортите Темјаника и нашата стара автохтона сорта Станушина, вели Стојановски напоменувајќи во производството на вино го применува се она што го стекнал при своето школување на Земјоделски факултет – оддел Енологија. Секако и со консултации со колеги енолози со поголемо искуство.

Стојановски смета дека во Македонија има услови за производство на вино, во секое производство секако дека се наидува на проблеми и потешкотии.  Голем проблем за лозарите и за винарите е новонастаната ситуација со корона вирусот, па има доста вишок на грозје кое што лозарите не се во можност да го преработат.

-Бидејќи сме се уште млади на пазарот и се уште се трудиме да наметнеме некој тренд, луѓето да консумираат домашни вина произведени на традиционален начин мислам дека ќе успееме да го реализираме нашиот труд во целост. Сега за сега моите вина ги пласираме само на домашниот пазар, па здравје во подобри времиња без пандемии зошто да не и во странство. Сега за сега е поисплатливо отколку да се продаде како суровина во вид на грозје, смета нашиот винар.

Стојановски неодамна доби грант од Програмата млад земјоделец. -Кои поволности ви ги пружа државата како млади земјоделци, што е она што треба да се менува да се мотивираат што поголем број на млади лозари да вложуваат во лозови насади и производство на грозје и вино. А уште повеќе и во формирање на семејни винарии.

-Да така е неодамна го потпишавме договорот со Агенцијата за рурален развој во земјоделското производство, се работи за грант во висина од 20.000 евра, неповратни средства. Грант што ќе ми овозможи да набавам современи машини и напредна технологија во производство на вино, исто така и проширување на производствениот капацитет од 5.000 на 10.000 литри вино. Ги охрабрувам сите оние кои што имаат поголеми производни површини на лозови насади и вишок на грозје, да аплицираат и да конкурираат на некоја од следните мерки кои што ќе бидат распишани од страна на државата или преку ИПАРД програмата да инвестираат во преработувачки капацитети и така да направат една здрава конкуренција, која ќе биде од голема корист за сите, пред се за нив самите, смета Стојановски.

Овој наш винар на младите земјоделци им порачува да не се откажуваат од идеите, бидејќи еден ден сонот ќе им стане стварност, зошто земјоделското производство има иднина.

-Без силно земјоделско производство нема напредна држава, порачува Стојановски.

Следна цел на Стојановски е  преместување на винаријата каде што му се лозовите насади, со уредување на простор за дегустација и соработка со туроператори за да можат туристите кои што ќе ја посетат Тиквешијата да уживаат во вкусовите на храна залиена со добро вино.

 

Анета Блажевска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close