fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Болеста син јазик повторно се врати и коси по овчарските фарми

По пауза од 5 години повторно се шири болеста син јазик кај стадата со овците и козите. Станува збор за вирусно заболување кое се пренесува со вектор и нанесува големи економски штети

По пауза од 5 години повторно се шири болеста син јазик кај стадата со овците и козите. Митко Јанков е долгогодишен одгледувач на овци во велешкото село Ораовец. Во неговиот регион тој е меѓу последните чие стадо е зафатено со болеста син јазик. Има десетина заболени и досега три угинати грла како последица на оваа болест. Оние кои се болни се издвоени од стадото се третираат со лекови и ги затекнавме како се кријат во потемните делови во трлото и лежат. Кај дел од грлата се забележуваа и отоци кај вратот и главата и отсуство на енергија.

-Болеста во општините Велес, Градско и Чашка според моите информации ја има веќе месец и пол. Во овие региони речиси и да нема стадо кое не е зафатено со болеста син јазик и секој се справува со болеста како знае и умее со помош на ветеринарните служби. Овцата и да ја преживее болеста за која лекувањето чини пари, сепак останува цела година без јагне и без млеко што за нас одгледувачите кои сме и онака на работ на рентабилноста е само дополнителен трошок за одгледување. Нас не ни е јасно како оваа болест се врати после пауза од неколку години рече Митко Јанков сточар од велешко Ораовец.

Болеста последен пат е регистрирана во 2015 година. Тогаш сточарите каде беше појавена болеста добиваа по 4 илјади денари за секое угинато грло.

-Дојдоа локалните ветеринари и извршија преглед и дезинфекција. Ние сега секој втор ден прскаме во трлото против инсекти за да имаме некаква заштита. Во првиот бран на оваа болест од пред неколку години имавме поголема смртност во стадата за разлика од сега кога гледаме дека смртноста е помала. Јас тогаш загубив околу 20% од грлата и благодарни бевме за брзата реакција за обесштетување. Парите кои ги добивме по грло беа по 4 илјади денари кои беа симболични во однос на загубата која ја имавме но сепак добро беше што реакцијата од надлежните тогаш беше брза, додаде Јанков

Според ветеринарните служби од Велес евидентна е појавата на болеста кај 23 стада на овци само во нивниот реон на делување. Каде ќе добијат пријава веднаш ветеринарите излегуваат на терен и вршат дезинсекции и се даваат препораки за лекување.

-Речиси секојдневно добиваме повик и има нови фарми каде се регистрира болеста син јазик. Им даваме препораки за витамини бидејќи се работи за вирусно заболување за кое нема лек и во принцип тие грла што имаат посилен имунитет полесно ја прележуваат болеста иако може да се констатира дека нема толку голема смртност како претходно кога ја имавме болеста пред 5 години. Влажното време е неповолно за одгледувачите бидејќи помага за развој на комарците и ширењето на болеста рече Димче Димитриевски доктор по ветеринарна медицина од ветеринарна станица Велес.

Сточарите отворено ги прашуваат надлежните во агенцијата за храна и ветеринарство зошто не се почна со вакцинација на овците против болеста син јазик како што тоа се прави во соседна Србија веќе три години и немаат проблеми со оваа економски значајна болест. Од ветеринарната комора велат дека вакцина е можна само доколку се знае кој серотип на вирусот ќе се рашири.

-Ова е трет пат како се појавува болеста кај нас со пауза од 5 години. Според анализите се работи за истиот серотип 4 како и претходните години кога ја имаше болеста. Помалата смртност се должи на тоа што голем дел од стадата веќе имале контакт со овој вирус и имаа создадено одбранбен механизам. За оваа болест не постои поливалентна вакцина туку вакцина според тоа за кој серотип ќе се работи што тешко кој може да го прогнозира рече Томислав Николовски доктор по ветеринарна медицина и претседател на ветеринарната комора.

Болеста син јазик не е зооноза односно не се пренесува од животните на човекот но месото од заболените грла не се препорачува за конзумирање. Болеста  која е вирусно заболување не се пренесува ниту со допир на животно со животно туку  се пренесува со вектори и неа ја пренесуваат инсекти односно комарци од видот Culicoides. Спаѓа во болести кои причинуваат големи економски штети, придонесува до затворање на добиточните пазари, одземање и обесштетување на сточарите каде ќе се рашири болеста.

З.Б.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close