fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Борче Нелковски-Малините и црешите ветуваат повеќе од јаболката

Еден овоштар тешко може да опстане само со производство на јаболка, затоа започнува со производство на овошки со повисоки откупни цени и постабилен пласман.

Ниската откупна цена на јаболката, која не е рентабилна и не ги покрива основните трошоци на јаболкопроизводителите и несигурниот откуп на јаболката ме натераа да почнам да се занимавам со производство на малини, цреши и вишни каде цената и откупот ветуваат повеќе. Ова е ставот на преспанскиот овоштар Борче Нелковски од селото Подмочани, Преспа, кој дел од овоштарниците со јаболка ги насади со друго овошје во обид да си обезбеди колку-толку посигурна егзистенција.

Борче сега површините под јаболка ги намали на 1 хектар, на 3 декари посади малини и на исто толкава површина цреши. Годинава предал околу 10 тона јаболка бидејќи добар дел од родот бил оштетен од ланските пролетни мразови.

-Моето семејство од секогаш се занимавало со производство на јаболка, па јас ги наследив овоштарниците. Поради севкупната состојба со откупот на јаболката во последните години решив постепено производството да го проширам со насади од цреши, малини, па и вишни. Нашите јаболка од Преспа редовно се извезуваа во Русија, ама Русите годинава откажаа и јаболката останаа по магацините и ладилниците. Уште месец до два ќе правиме нови договори за новиот род, а ланските јаболка ни се неоткупени и неплатени. Со малините и црешите е поинаку, за тоа решив да инвестирам во нови насади, вели нашиот овоштар, додавајќи дека неоткупени останале околу 5 милиони килограми јаболка од Преспа, количини кои не се за потценување.

Нема достапен опис

Неговите пресметки се дека еден овоштар тешко може да опстане само со производство на јаболка, токму поради ниските откупни цени.

-Од производството на јаболка јас не можам да преживеам во текот на една година, трошоците се многу големи. Црешите исто така имаат трошок ама тој е помал. Значи ако нема убава цена на јаболкото не е исплатливо да се одгледува. Финансиска заработка кај црешите е од 50 до 80 денари за килограм, на откуп. Кај малината пак, откупот е 100 денари за килограм, вели Борче.

Овоштарите од Преспа се непријатно изненадени што во услови на здравствена криза, предизвикана од пандемијата со Ковид-19, наместо да се трошат повеќе јаболка тие им останаа непродадени.

-Во пандемијата излезе полошо за нас овоштарите, логично е повеќе да се консумира здрава храна и да се троши овошјето, ама наместо поголема побарувачка имаме намалена побарувачка. Дали проблемот е во трговците кои секогаш си поигруваат со производителите или пак сосема друга политика, не знам. Но, знам дека земјоделецот е секогаш најоштетен, ако Русинот на трговецот му плаќа 1 евро од килограм јаболка, тој нас ни ги зема јаболката за само 10 денари од килограм. Оваа година од старт ни плаќаа по 13 до 14 денари за килограм за потоа за кусо време да падне цената на 10, но за да биде уште полоша состојбата, повторно падна цената на ниски 5 денари, за накрај во април и мај годинава да ни понудат цена од само 2 денари за килограм јаболка што е крајно понижувачки, колку само да не го фрламе родот, вели Борче.

Овоштарите од Преспа не само што се насочуваат на други овошки, туку голем дел од нив ги оставаат овоштарниците наследени од дедо, прадедо и бараат работа по фабриките во околните градови за да можат да преживеат.

Наводнувањето проблем за овоштарите

Наводнувањето и спроведувањето на вода до насадите сепак е еден од поголемите проблеми со кои се соочуваат овоштарите во Преспа, па така и Борче вели дека е на голема мака како да ги наводнува новите насади под малини.

-Водата ни е голем проблем особено овде во нашето село. Пред неколку години се организиравме со проекти до МЗШВ и донесовме трансформатор, но не стасаа пари за да го реализираме проектот до крај и останавме без вода. Сега се мачам секој ден, носам агрегати, пумпи, цистерни со вода за да ги наводнувам нивите. Значи без струја не можам да пуштам вода. Како поединец ме чини многу да побарам да ми донесат струја до насадите, се пожали Борче.

Овој наш овоштар веќе се испробува и во производство на јаболкова киселина. Борче е прехранбен техничар, па добро ги познава работите, вели дека за киселината не користи вештачки додатоци, туку ја прави на сосема природен начин, а веќе се подготвува и за одгледување на пчели.

 

Анета Блажевска

 

 

 

 

 

 

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close