fbpx
ВестиТоп вести

Ботаничка градина на Пелистер

Битола

 

 

 

Изградба на Ботаничка градина на Пелистер, оспособување на пешачки и велосипедски патеки, нова пречистителна станица со што ќе се реши и статусот на околните чешми, кои последниве години се загадени, се само дел од проектите во НП Пелистер.

 

Во НП Пелистер ќе се гради Ботаничка градина. Изведбата  на Арборетум (Ботаничка градина) во НП Пелистер предвидува проектот за „Подобрување на управувањето со заштитените подрачја“ кој има и една специфична компонента, со која би требало да се оствари можност за зајакнување на позицијата за самоодржливо стопанисување на НП Пелистер.

Според Пеце Цветановски, портпарол на НП Пелистер овој проект е наменет и за обнова и реконструкција на веќе остарените пешачки патеки: Историската патека од хотел Молика до Информативниот центар, Детската едукативна патека-Од Детското одморалиште до локалитетот Голема Ливада, како и Патеката по Камењарот, која од Копанки, преку Видиковецот води до Антена. Исто така треба да бидат оспособени и три велосипедски патеки и тоа: Кружна околу Голема Ливада по горниот и долниот пат, која всушност почнува од с. Магарево и завршува во с. Ротино, или обратно. Друга е патеката која од Инфоцентарот води до Цапарска Пресека и потоа надолу слегува до Голема Ливада и с. Магарево или с. Ротино, и третата која има најмногу интервенција, би требало да биде долга 33 км, да започнува од Информативниот центар, до Големо Езеро, а потоа од таму до с. Брајчино. Оваа патека всушност има најмногу потребни интервенции пред се на брајчинската страна.

Колекторот  за отпадни води ќе биде поврзан на новоизградената пречистителна станица што ќе значи крај на загадувањето  на планината во туристичкиот дел

Она што деновиве стана актуелно, е дека со средства од ЕУ, кои ги обезбеди Министерството за животна средина и просторно планирање, а ги реализира УНДП, треба во текот на 2020 година да биде реализирана и една активност со која би можело дефинитивно да биде решено прашањето со собирањето на отпадните води на Пелистер. Претходно изградениот колектор за отпадни води од хотел Молика до Детското одморалиште, треба да биде поврзан на новоизградената пречистителна станица, која ќе биде лоцирана на платото на патот близу Детското одморалиште, со што ќе бидат поврзани сите објекти кои испуштаат отпадни води во тој дел од Пелистер.

-Со ова, треба да се реши и статусот на околните чешми, кои последниве години се загадени и водата не е за пиење, бидејќи е биолошки неисправна, особено при послаб водотек. Сите објекти кои се наоѓаат во туристичкиот дел на Пелистер над Детското одморалиште, ќе бидат обврзани, да се поврзат на колекторот, и со тоа, нема повеќе да ја загадуваат планината, нагласи Цветановски.

Во Националниот парк Пелистер во тек се неколку проекти, кои во суштина се наменети за подобрување на работењето на јавната установа

Од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање, со помош на средства од ЕУ, беше реализиран Твининг проектот за „Зајакнување на капацитетите за ефективно спроведување на европското законодавство во областа на заштитата на природата“. Со овој проект ЈУ НП Пелистер беше идентификувана како идно НАТУРА 2000 подрачје во Р.С.М, и беше избрана за пилот подрачје за реализација на активноститe на TWINNING проектот, заедно со Споменикот на природа – Преспанско Езеро.

Како што не информира Цветановски, портпарол на НП Пелистер со проектот, покрај истражувањата за стаништата, видовите на растенија, животни и птиците, изготвени се неколку важни документи за НП Пелистер.

-Тоа се Нацрт Студија за валоризација и Нацрт План за управување со подрачјата на Натура 2000 во НП Пелистер, и истите треба да бидат инкорпорирани во финалниот План за управување на НП Пелистер кој треба да биде изработен и усвоен во 2020 година. Исто така, со овој проект беа обучувани службите на паркот за спроведување на мониторинг на видови на терен и беа едуцирани за подготовка на идни планови за управување, вели Цветановски.

За подобрување на ефикасноста во работењето на НП Пелистер во тек е и реализацијата на проектот преку УНДП за „Подобрување на управувањето со заштитените подрачја“, во кој средствата од ЕУ ги обезбеди Министерството за животна средина и просторно планирање. Цветановски истакна дека со оваа донаторска варијанта се остварени многу погодности за НП Пелистер.

-Веќе се добиени 3 теренски пик-ап возила, едно теренско возило – санка на 4 тркала и гасеници за употреба во зимски услови, униформа за персоналот кој се занимава со зачувување на природата, две летала – дрон, од кои едното за противпожарна детекција, повеќе компјутери, таблети, камери-замки за набљудување на животинскиот свет, двогледи, противпожарни алатки: напртњачи и метли, а треба да бидат набавени и уште едно против пожарно возило пик-ап (ако има финансиска можност), резервоари за вода и пумпи за пренос на вода на далечина, за гаснење пожар, набројува Цветановски.

 

Анета Блажевска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close