Во текот на трите најладни месеци – декември, јануари и февруари, Божиќната ѕвезда и Божиќниот кактус (зигокактус), благодарение на својата колоритност, секако се најдекоративни собни цветни растенија. Се негуваат, но и размножуваат на сличен начин, како би можеле повторно да цветаат идната година.
Потенцијалните одгледувачи и вљубеници во Божиќната ѕвезда, велат дека ова растение има крупни црвени цветови! Но, тоа не се цветови, туку листови, додека цветовите се во форма на ситни зелено – жолти бобици, израснати и свиткани во цвет на врвот на растението. Горните црвени листови (може да бидат и розеви и жолти), декоративни се како голем цвет, додека долните листови се со зелена боја.
Успешно цвета, ако 14 часа дневно е во мрак
Божиќната ѕвезда е растение на краткиот ден. Тоа, практично значи, дека за да процвета брзо и силно – потребно е да ја ставите во мрачна просторија, односно во соба во станот или куќата, каде ретко се вклучува осветлување во вечерните часови. Доколку за тоа одгледувачите немаат можност, тогаш во дневната соба се покрива со темно платно или црна фолија во периодот од средината на октомври до средината на декември, со цел во темнина да мирува од 12 до 14 часа дневно.
На ѕвездите им одговараат и светли места во собата (станот), но заштитени од директно сонце, како и температура од 18 до 20 степени, со средна влажност на воздухот. За време на цветањето, обилно се залева, но никако не се поместува од местото, за да не го исфрли цветот.
Како да ја негувате за да цвета и идната година?
Дипломираниот инжинер за хортикултура, Татјана Батало од Белград, објаснува дека саксијата со растението не смее да се стави во близина на радијатор или друг извор на топлина: „Освен еднонеделното заливање со вода, еднаш месечно се залива и со течно ѓубриво. Цветните листови, се задржуваат на растението до февруари – март, за потоа да ги исфрли сите листови и да премине во период на мирување. Тогаш, изданоците му се скратуваат на 10 до 15 сантиметри должина. На пролет, се пресадува во нов супстрат и се изнесува на балкон (тераса) или во сенковита бавча, кога почнува нејзиниот нов интензивен раст. Тогаш, секои две недели се прихранува со течно ѓубриво“.
Лесно се размножува со резници
Божиќната ѕвезда, лесно се размножува со резници. Гранките се отсекуваат во должина од 10 сантиметри и задолжително се потопуваат во жешка вода, три до четири часа, за да се спречи истекувањето на млечниот сок. Ако не се потопи во врела вода, млечниот сок, брзо се стврднува, се прави чеп на зарежаното гранче, кој го оневозможува вкоренувањето на жилите. Отсечените гранчиња пуштаат жили во мешавина од земја и песок, при температура од околу 20 степени. Овој процес трае две до три седмици со употреба на хормон за искоренување.
Исто така, при земањето на резницата од матичното растение, зарежаното место, треба да се насее со пепел од цигари, со цел да се спречи истекување на млечниот сок што може да го уништи растението. Со посипувањето со пепел од цигари, се спречуваат и разни инфекции.
Божиќниот кактус цвета на членковити гранки
Божиќниот кактус не е обичен кактус. Во народот го нарекуваат и зигокактус, а неговите листови се членковити и плоснати. Расте брзо, а новите членковити листови и пупки никнуваат од стариот дел, последен во низата. Се чува во станот и на балконот, а се негува како Божиќната ѕвезда. Исто така и лесно се размножува.
„Ако сакаме бујно и разгрането растение од Божиќниот кактус, после прецветувањето, неговите гранки можат да се откинат и скратат со рака. На тој начин, се поттикнува гранењето, се постигнува поголема бујност и повеќе цветови во следната вегетација. Тогаш, откинатите делови од гранките, можат да се искористат за размножување“, истакнува Батало.
Поради својата градба и бујниот раст, Божиќниот кактус е погоден за одгледување во висечки саксии. За време на цветањето, од саксијата ќе висат гранки, како цветни лози. Во висечките саксии може да се посадат неколку растенија со различна боја на цветови. Основната боја им е отворено црвена, но се забележуваат и растенија со виолетови и бели цветови.
Зелена берза