вестиТоп вести

Човештвото пред нов глобален проблем. Ни се заканува ли тивка пролет?

Како што говорат резултатите на долгогодишното истражување на германскиот биолог Петер Бертолд, бројот на птици се намалува со неверојатна брзина. Во некои подрачја се забележува пад до 85%, во споредба со состојбата пред 30 години. Тоа е последица на урбанизацијата и интензивната земјоделска пракса.

Од ваквите причини, во следниот период се очекува појава на таканаречена „тивка пролет“. Овој поим се однесува на периодот на будење на природата без црцорењето на птиците. Според зборовите на Бертолд, моменталната состојба на популацијата птици во руралните подрачја е многу загрижувачка.

Со намалувањето на бројот на домашни животни на малите имоти и зголемувањето на бројот на грла на големите фарми, се уништува соживотот на природата и човекот. Минатото лето во некои подрачја, беше речиси невозможно да се пронајдат ластовици. Оние истите птици кои со генерации доаѓале од југ на шталите низ Европа. Оние птици кои сите релативно добро ги познаваме и кои ги најавуваат дождовите. Тешко е само да замислиме, како би било кога би ги немало“, наведува биологот.

Со употребата на тешки орудија, минерални ѓубрива и пестициди, засекогаш се променил не само погледот на производството на храна, туку и самата природа. Природните циклуси се прекинати. Балансот на размена на ресурсите и соживотот на организмите е изгубен. На бројни животински и растителни организми им се заканува изумирање, тврди биологот Бертолд.

Со интензивната обработка, како и со сеењето на неколку земјоделски посеви на големи површини, се уништуваат природните живеалишта на птиците и другите организми. Палењето на жетвените остатоци, орањето и оставањето на изораното земјиште без растителни остатоци, се сметаат за најнеповолни состојби кои земјоделците може да ги направат за птиците и другите организми во одредено подрачје. Со наведените активности се уништува храната за птиците – инсектите, како и нивните живеалишта. Обработката на почвата, без примена на органски ѓубрива, сериозно ја деградира животната средина во која тие активности се спроведуваат. Птиците кои ги прават своите гнезда на земјата се најзагрозени поради зголемувањето на површината и интензивната обработка на земјиштето, наведува Бертолд.

Тој, понатаму додава и дека, некои видови птици, како на пример ластовиците, птици кои градат гнезда на покривите се соочуваат со недостаток на храна. Селските имоти се претвораат во урбанистички простор. Се намалува и бројот на домашни животни. „Денес, може да се каже, како едно типично село нема животни. Некогаш незамисливото, денес е вообичаено. Како што нема домашни животни, така се повеќе нема синергија помеѓу птиците, инсектите и животните. Птиците се принудени да пронајдат храна на некои други места, а тоа честопати е дискутабилно.

Осветлените градови и села предизвикуваат, исто така, пореметување во природата. Вештачките светла претставуваат проблем за спиењето на птиците, но и за активностите на инсектите. Најголемиот број инсекти, се активни ноќе, поради избегнувањето на природните предатори. Со вештачкото осветлување, однесувањето на инсектите е вознемирено. Од таа причина и популацијата на инсекти, значително се намалува. Со намалувањето на бројот на инсекти, се намалува и достапноста на храна за птиците“, предупредува Бертолд, притоа нудејќи предлог решенија.

Според него потребно е да се направи следното:

  • Да се избегнува орањето – со орањето се уништуваат природните живеалишта на инсектите и другите корисни микроорганизми. Потребно е во пракса да се употребува редукциона обработка на земјиштето (минтил, стрип – тил, но-тил)

  • Забранување на палењето на жетвени остатоци

  • Редукција на употребата на пестициди и фабрички ѓубрива

  • Користење на органски ѓубрива

  • Сеење, садење и одржување на природната состојба околу парцелите и на самата производна површина

  • Да се поттикне одгледувањето на домашни животни порди биолошка разновидност

  • Да се изгасне светлото, кога истото не е потребно

  • Да се поттикне живеењето во рурални средини и одржувањето на природните средини за животните

  • На децата во училиште да им се презентира важноста на биодиверзитетот

  • Да се помине повеќе време во природа, за да се разбере убавината на природата и да се препознаат последиците кои ги предизвикува човекот на таа иста средина

Ова се смета за глобален проблем. Секој поединец, со своето однесување и активности, може да влијае позитивно или негативно на идната егзистенција на птиците. Земјоделството игра голема улога во наведената проблематика, а со тоа и голема одговорност. Она што преостанува е надежта дека до феноменот на тивка пролет, нема никогаш да дојде.

 

 

 

Зелена берза

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close