
Дали Закон за тутун е “Законски”?- анализа на Цане Божиноски
Условот тутунарот да членува само во едно здружение е недозволено ограничување на лична слобода и грубо мешање во автономијата на здруженијата.
Системска анализа на Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи 2019
Дали Закон за тутун е “Законски”?
- Законот за тутун, тутунски и сродни производи до 2019 беше еден од најдобрите во ЕУ, претставуваше модел на регулирано, договорно и контролирано тугунопроизводство, усогласен со европските стандарди и меѓународните обврски на државата.
Домашното тутунопроизводство со децении се темели на тие принципи на производство. Тоа не е случајно, туку темелна законска регулатива, усогласена со европските стандарди и меѓународните обврски на државата.
Основните цели беа јасно дефинирани:
– заштита на тутунопроизводителите,
– обезбедување сигурен откуп,
– контрола на квалитетот ,
– пазарна предвидливост и социјална стабилност во тутунопроизводството.
– регистрирани производители,
– одобрени семенски сорти,
– контрола на употреба на заштитни средства,
– следливост „од семе до откуп“,
– фитосанитарна безбедност.
- Со интервенциите од 2019 година.
Дали законот ја губи таа логика и содржи внатрешни правни колизии, неусогласеност со Уставот, со правото на Европската унија и со Рамковната конвенција на СЗО за контрола на тутунот (WHO FCTC)?
Или е нормативно погрешно конструиран. Наместо да штити, штети, создава правен хаос, економска несигурност и директна штета за сопствениот земјоделец?
- Внатрешна колизија:
дозвола наспроти забрана
– Со член 43 се дозволува промет и обработка на увезен суров необработен тутун.
– Член 44 експлицитно забранува откупување, купување, продажба, транспорт и складирање на суров необработен тутун .
– Член 45 дополнително забранува извоз на суров необработен тутун.
Истата материја, необработен тутун, во еден член е дозволена, а во други забранета.
Класична внатрешна нормативна противречност, спротивна на:
член 51 од Уставот (законите мора да бидат меѓусебно усогласени),
принципот на владеење на правото (член 8 од Уставот).
- Поткопување на заштитниот систем на договорно производство и откуп
Законот воспоставува договорно производство и задолжителен откуп како централни механизми за заштита на тутунопроизводителите. Но, со дозволувањето увоз на необработен тутун, се создава паралелен пазар што ја релативизира обврската за откуп и врши постојан притисок врз тутунопроизводството.
- Повреда на начелото на еднаквост
Домашниот тутун: е строго регулиран, подложен на евиденција, класификација и контрола.
Увезениот тутун: станува легална алтернатива, не го носи истиот регулаторен и економски товар.
Ова создава неоправдана нееднаквост и е спротивно на
член 9 од Уставот (еднаквост на граѓаните и правните субјекти).
- Нефер трговски практики и откупна цена
“Цена без цена” – спротивно на европското право
Законот дозволува производство без однапред утврдена и взаемно договорена цена. Тутунопроизводството е регулирана дејност заснована на договорно производство, а не класичен слободен пазар.
Цената е суштински елемент на договорот и мора да биде: – однапред взаемно дефинирана или утврдена преку јасен и фер механизам.
Без тоа се нарушува договорната рамнотежа, производителите ја губат преговарачката позиција. На тој начин, договорите формално постојат, но економски се обезвреднуваат.
Таквиот модел е спротивен на: Директивата (ЕУ) 2019/633 за нефер трговски практики, која забранува: еднострано утврдување или менување на цена, притисок врз производителот да прифати цена без преговори, злоупотреба на економска надмоќ.
- Повреда на слободата на здружување
Особено проблематичен е член 31 став 9, 10 и 11, со кој Државата си дава право да одредува која асоцијација е „највисока“ и репрезентативна. Кој ги избира тутунарите – тие или државата? Државата си доделува право да избере која асоцијација ќе ги претставува тутунарите. Не по волја на производителите, туку со решение.
Тоа е директен судир со Уставот.
Слободата на здружување значи граѓаните сами да одлучуваат кој ги застапува.
Законот, пак, создава „највисока асоцијација“ и ги маргинализира сите други, воведувајќи државен монопол врз претставувањето.
Условот тутунарот да членува само во едно здружение е недозволено ограничување на лична слобода и грубо мешање во автономијата на здруженијата.
Кога државата избира кој ќе зборува во име на граѓаните, тоа не е заштита.
Тоа е контрола – и уставен проблем.
Ова претставува директна повреда на член 20 од Уставот и член 11 од Европската конвенција за човекови права, како и отстапување од европската демократска практика,
- Судир со меѓународното право и принципот на претпазливост
Законот е и во судир со Рамковната конвенција за контрола на тутунот на Светската здравствена организација (WHO FCTC), особено членовите 17 и 18, кои ја обврзуваат државата да ја штити економската одржливост на земјоделците и да обезбеди строга контрола на прометот на тутун. Дополнително, дозволувањето увоз на необработен тутун е спротивно на принципот на претпазливост особено за суровини со фитосанитарен ризик. утврден во член 191 од Договорот за функционирање на Европската Унија.
- 7. Заклучна оценка
Законот за тутун од европски усогласен и социјално балансиран модел. Во 2019 година се создаде закон кој е во внатрешна колизија :
– дозволен увоз на суров тутун,
– неефективна заштита на цената,
– државна контрола врз здружувањето,
– не е усогласен со ЕУ-правото,
– и ги доведува во прашање меѓународните обврски на државата.
Неопходна е суштинска корекција, а не козметички измени.
Автор:
Цане Божиноски – Добар познавач на домашната и меѓунродна легислатива во тутунопроизводството, со долгогодишно искуство во анализа и креирање на тутунската регулатива




