fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Дали земјоделците ќе се вратат на нивите?

Според земјоделците, да се поправи тоа што 30 години се руши ќе биде потребно многу повеќе време од неколкумесечна офанзива на Министерството за земјоделство.

Министерството за земјоделство деновиве води активна кампања за враќање на земјоделството на патеките, кои ќе овозможат производство на храна кое ќе биде доволно за прехрана на населението, пишува Плус инфо.

– Ние поздравуваме една ваква политика во која институциите станаа свесни дека нешто мора да се направи за да го вратиме земјоделецот на нивите. Војната во Украина и кризата со високите цени на храната и покрај сета негативност, се чини, за земјоделството ќе има позитивни ефекти. Добро е што веќе почна да се слуша гласот на земјоделецот и неговите предлози за надминување на нереалните работи во однос на откупната политика, субвенционирањето, но и распределбата на земјоделското земјиште – вели Петре Стојковски од Асоцијацијата на земјоделци.

Ристо Велков, од Сојузот на синдикати на земјоделците, пак, вели дека не е лесно, за неколку месеци, да се поправи она што се рушело во земјоделството изминатите 30 години во кои дел од културите се искоренети, а она што се произведува е оставено на милост и немилост.

– Во изминатиот период се сè правеше за да се уништи земјоделството. Со години предлозите на земјоделците стојат во фиоките на институциите и никој не ги вметнува во програмите или ако се ставени во програмите не се реализираат на терен. Така успеавме да ги истераме младите од земјава, а со земјоделство да преживуваат луѓе постари од 50 години. Дополнително преку децентрализацијата се дозволи плодно земјиште да стане градежно и на него да се гради или да се формираат индустриски зони на кои нема ниту производни капацитети. Земјоделецот наместо да произведува на плодна почва сега оди со километри да обработува неплодно земјиште. И сето тоа не може да се поправи со неколкумесечни активности – вели тој.

Она што може да се поправи сега, според него, е промена на начинот на субвенционирање по сектори и според потребите на производството и откупна политика која нема да биде на штета на земјоделецот.

– Субвенциите треба да се даваат по производство не по површина. Со тоа ќе се стимулира поквалитетното производство. Земјоделецот треба да ја има помошта пред да го почне производниот круг и според потребите на секторите, а не откако ќе го продаде производот. Така ќе може да планира дали му е исплатливо и која култура да одгледува. Потребно е и субвенционирање на репроматеријалите и нафтата. И голем проблем е откупната политика која досега беше на штета на земјоделецот. Откупните пунктови најавени од сите досегашни влади ги нема, а главниот збор го водат поединци откупувачи. Имаме и недостатоци при распределбата на државната земјоделска земја. Сега се објавуваат огласи за култури кои веќе се засеани. Ефекти од тоа ќе има наредната година, но под услов да се надминат негативностите во распределбата (да се избираат партијци, да се дава земја на луѓе кои не се земјоделци …) Значи многу треба да се направи пред да се бара земјоделците да се вратат на нивите – вели Велков.

Земјоделците очекуваат ентузијазмот кој владее сега во институциите да потрае и да се искористи за подобрување на состојбите во производство за да има надеж дека можеби и производството ќе се подобри.

– Веќе имаме активни разговори со земјоделците и преработувачите на одделни земјоделски производи што влева надеж дека ќе почнат да се решаваат проблемите кои го оттргнаа земјоделецот од нивите. Деновиве се разговараше за поддршката и за откупот на сончогледот и пченката и има одредени резултати. Тоа е добро, бидејќи решенијата се донесени пред почетокот на сеидбата што ќе придонесе за засејување на поголеми површини под овие култури. За сончогледот и пченицата е предвидена дополнителна поддршка, која треба да стане практика, во обезбедување ѓубриво. Имаме ветување од преработувачите на сончоглед дека ќе го откупат целокупното производство по берзански цени, што е добар потег – вели Стојковски.

Според него, за подобрување на земјоделското производство треба да се подобри кооперативниот однос земјоделец-преработувачка индустрија

– Тој однос треба да се изгради на меѓусебна доверба и разбирање. Да се знаат откупните цени, количините, квалитетот и да не се прават манипулации од двете страни. Ваквата доверба и во кризни ситуации би била од корист како за земјоделците така и за преработувачката индустрија – додава тој.

Земјоделците очекуваат државата да најде начин како да се кредитира нивното производство преку развојната банка, да се поедностават процедурите и документите за аплицирање за парите од ИПАРД фондовите или да се најде начин како да им се помогне побрзо да ги добиваат тие документи и што е најважно да се дава под концесии обработливо земјиште на земјоделците кои тоа го заслужуваат во време кое ќе им овозможи да одберат која култура ќе одгледуваат на тоа земјиште. Тие бараат да се води долгогодишна стратешка, а не ад хок политика во земјоделството и да се работи на образование на земјоделците за воведување иновативно производство.

Како еден од значајните моменти во развојот на земјоделското производство, наведуваат земјодлеците е и обезбедувањето квалитетен систем за наводнување, кој во земјава моментално е во многу лоша состојба.

Земјоделството во земјава од година во година бележи намалување на земјоделските површини на кои се засеани некакви култури. Само лани според Државниот завод за статистика обработливите земјоделски површини се намалиле за о,1 отсто во споредба со претходната година или во земјава лани имало вкупно 516.733 хектари обработлива површина. Но, податоците покажуваат дека со земјоделски култури биле засеани 277 309 хектари.

Кај обработливата површина зголемување во 2021 година е забележано кај ораниците и бавчите за 0,2 отсто, а намалување е забележано кај сите други категории.https://plusinfo.mk/e-se-vratat-li-zem-odelcite-na-nivite-vo-nata-vo-ukraina-ne-uveri-vo-vazhnosta-na-zem-odelieto/

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close