Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести
Давид од Раштак-Годинава ќе ја преживееме некако, но што ќе правиме идната!?
Нема ѓубриво, а немаме ни добиток за арско ѓубриво како би родила земјата за да има млеко
Давид Неделковски(32) е млад сточар, козар од Скопска Црна Гора, творец на приказната „Кози, млеко, планина“. Ви го пренесуваме неговиот став за млечната криза.
За млечната криза!
Како одгледувач на кози и производител на козји млечни производи кој веќе декада и кусур работиме на нашиот а со тоа и на локалниот развој, директно и индиректно се чувствувам повикан да дадам лично гледиште на работите, како Давид од Раштак.
Најпрво, зрел си кога ќе почнеш да ги прифаќаш последиците, така велат. Сегашнава ситуација е само последица на континуирана неодржливост во оваа гранка која придонесе добитокот да замине од нашите пасишта која кулминираше изминативе години заради големите трошоци за производство (нафта, ѓубриво, сточна храна, транспорт, препарати за болви, средства за дезинфекција…(без трудот на фармерот, тоа е гратис)) од друга страна колективната неедуцираност и споредбата на фармерската пот со полиците на хипермаркетите полни со индустриски увоз кое е неспоредливо па дури и навредливо, на кратко немаме култура на однос со трудот на производителот кое пак е од позиција на комфор кој создава пристрасен суд.
Изминативе години пишував дека се работи за комплексна гранка и дека патот на млекото е сложен: прихрана и пасење – производство на млеко, молзење / штала – експлоатација на млеко (миење на вимињата, молзење, дезинфекција на вимињата и опремата за молзење), обработка, зреење, пакување, достава и доколку од сево ова нешто не функционира млекото ќе скисне, се треба физички да направиш а притоа да мислиш да не се повредиш или настинеш зошто ќе ти се случи колапс и така секој ден во тек на млечната сезона потоа чекаме јариња и практично 5 месеци само даваш за да ја оддржиш благосостојбата во стадото, без годишен одмор, без ноќни журки и сакам тоа, сакам ова и ќе наидеш на некој кој те множи со нула, па тој несака производители и развој, тој сака робови. Неизбежно е да се спомене дека кога ја почнувавме оваа авантура се сметаше за дно, некои сеуште сметаат дека е дно а други пак ми се чудат како сеуште не сум фатил магла од Македонија.
Годинава ќе ја преживееме некако, но што ќе правиме идната, нема ѓубриво а немаме ни добиток за арско ѓубриво како би родила земјата за да има млеко.
Во овој хаотичен историски интервал најважно е да останеме луѓе. Бог нека ни е напомош.