„Денови на кочанскиот ориз“ од 4 до 8 октомври
Централниот дел од манифестацијата, традиционалното зажнејување и вршидба ќе се одржат в сабота, на 8 октомври, на оризовите полиња во кочанското село Горни Подлог.
Манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз 2022“, годинава ќе се одржи од 4 до 8 октомври.
Во рамките на овогодишната програма, во периодот од 4 до 7 октомври, ќе се одржат промоции на книги, средби со писатели во основните училишта во Кочани и литературни читања.
Централниот дел од манифестацијата, традиционалното зажнејување и вршидба ќе се одржат в сабота, на 8 октомври, на оризовите полиња во кочанското село Горни Подлог.
Во таа пригода ќе биде доделена наградата на најуспешниот оризопроизводител, ќе биде презентирана и дегустирана традиционална храна од ориз, а ќе се одржи и концерт на Ирена Спасовска со „Маестро бенд“.
Истиот ден во Градскиот парк во Кочани ќе се одржи целодневна програма исполнета со културно-забавни содржини со настапи од детските градинки, основните и средните училишта итн.
Со почеток во 13 часот свој концерт ќе одржи Зарина Првасевда со Ансамблот, додека во вечерните часови ќе настапат музички состави од Македонија, како што се групата „Паркети“ и групата „Дејзи“.
Исто така, ќе се одржи и дефиле, а ќе настапат и домашни и странски фолклорни групи.
Во текот на целиот ден граѓаните ќе имаат можност да ги посетат изложбените и продажни штандови со ракотворби, производи, изработки, органска храна итн.