Дигитално земјоделство – нова програма на Факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје
Како дигиталното земјоделство да биде реалност
Дигитално земјоделство е новата акредитирана студиска програма на Факултетот за земјоделски науки и храна при на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Програмата има мултидисциплинарен пристап и се реализира во тесна соработка со Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, Факултетот за електротехника и информациски технологии и Машинскиот факултет.
– Целта на новата студиска програма е да создаде дипломирани земјоделски инженери кои треба во следните години да го прилагодат земјоделскиот сектор во нашата држава кон новите модерни трендови и примената на дигиталните технологии. Така ќе придонесат за поефикасно и профитабилно земјоделско производство, конкурентно не само на нашиот, туку и на меѓународниот пазар – вели проф. д-р Вјекослав Танасковиќ од Земјоделскиот факултет.
Преку оваа студиска програма се очекува да се продлабочи соработката меѓу академијата и бизнисот и да се развие човечкиот капитал со вештини за иновации во земјоделскиот сектор. Вклученоста на бизнис секторот во оваа студиска програма е клучна за нејзиниот успешен развој. Според Танасковиќ, соработката со домашните стопанственици ќе помогне да се искористи потенцијалот на оваа студиска програма и да го претворат дигиталното земјоделство во реалност. За успешното реализирање на програмата, заедно со поддршката од неколку меѓународни соработки (IME, GIZ и SWG RRD) отворена е и нова Лабораторија за дигитално земјоделство.