Дополнителни 3.769 хектари ставаме на располагање за земјоделците, распишуваме два нови огласи за закуп на земјоделско земјиште над 3 хекатри
Намената на земјиштето кое се дава под закуп за првиот јавен оглас е одгледување на земјоделски култури за производство на сточна храна (житни, фуражни и индустриски култури) за период до 15 години.
Владата на својата денешна 52 седница донесе одлука со која се распишуваат уште два нови јавни огласи за доделување на државно земјоделско земјиште над 3 хектари. Вкупно, на двата јавни огласи, на располагање се ставаат 3.769 хектари државно земјоделско земјиште.
Намената на земјиштето кое се дава под закуп за првиот јавен оглас е одгледување на земјоделски култури за производство на сточна храна (житни, фуражни и индустриски култури) за период до 15 години. Вкупната површина за земјоделско земјиште, која се става на располагање во овој оглас е 529 хектари, распоредени во десет региони низ државата: Берово, Виница, Гевгелија, Дебар, Делчево, Кочани, Неготино, Свети Николе, Радовиш и Штип. Минималната површина на земјоделското земјиште во државна сопственост која може да се даде во закуп на еден учесник за овој јавен оглас изнесува 3 хектари доколку понудувачот достави потврда од овластена ветеринарна станица за располагање со најмалку 5 грла говеда или копитари, односно 50 овци или кози, односно 20 свињи, односно 500 кокошки, мисирки, гуски, патки или бисерки. Максимална површина на која за овој јавен оглас еден учесник може да аплицира изнесува 20 хектари.
Вториот јавен оглас за давање под закуп на земјоделско земјиште над 3 хектари е со предвидена намена за подигнување на долгогодишни насади(лозја, овоштарници, хмељ) и оранжерии за период до 30 години, подигање на долгогодишни насади со лешник за период до 70 години, подигање на маслинарници за период до 50 години, поставување на пчелни семејства за период до 15 години, ливади за период до 15 години, одгледување на брзо растечки дрвја на земјоделско земјиште кое се наоѓа на надморска висина над 700 метри, за периодот до 30 години, рибници до 20 години и спортско-рекреативни активности и рурален туризам до 30 години. Вкупната површина која со овој јавен оглас се дава под закуп изнесува 3.240 хекатари, распределени во 22 региони низ државата: Берово, Валандово, Виница, Гостивар, Гевгелија, Делчево, Демир Хисар, Кочани, Куманово, Кавадарци, Неготино, Струга, Струмица, Охрид, Прилеп, Пробиштип, Радовиш, Ресен, Тетово, Велес, Штип и Чаир.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство одговорно креира мерки за поддршка на секој земјоделец, посебно во услови на светска криза. Целта на министерството и Владата е секоја педа обработливо земјоделско земјиште да биде ставена во функција и да се обработува.
Од неодамна е распишан и огласот за доделување под закуп на земјоделско земјиште до 3 хектари, каде преку четири јавни огласи на располагање се ставија нови 4.294 хекари распределени во 31 регион низ државата со намена за подигнување на долгогодишни насади.
Голем и досега рекорден интерес, со 235 апликации, кај земјоделците предизвика и јавниот оглас кој беше распишан во март месец каде на располагање беа ставени дополнителни 5.722 хекатри земјоделско земјиште до 3 хектари за обработка на житни култури распоредени во 14 региони низ државата.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство продолжува и во наредниот период да носи мерки за поддршка на секој земјоделец. Воедно ги повикуваме заинтересираните земјоделци да аплицираат за овие два нови јавни огласи за доделување на земјоделско земјиште над 3 хекатри за подигнување на долгогодишни насади и сточна храна. Заинтересираните лица повеќе информации можат да добијат во подрачните единици на министерството и во секторот за земјиште при министерството.