Лозарите годинава имаат право на дополнителни два денари субвенција за предадено винско грозје во домашните капацитети. За одржување на насадите, висината на финансиската поддршка е иста како и минатата година и изнесува 40 илјади денари по хектар.
Земјоделците ќе добијат дополнителни два денари субвенција за килограм винско грозје. Право на користење на овие пари ќе имаат земјоделците со лозови насади, и остварено и предадено производство во регистрирани винарници.
И винските визби кои имаат насади имаат право на овие субвенции, доколку грозјето го искористиле за сопствени потреби.
Барањата се поднесуваат по електронски пат во подрачните едници на Министерството за земјоделство, каде што е регистрирано земјоделското стопанство, најдоцна до 25-ти декември. Во прилог на барањето се доставува и потврда за предадените количества.
Без разлика на сортата, лозарите и годинава ќе можат да користат и финансиска помош за оддржување на насадите. По 40.000 денари за хектар ќе добиваат оние производители со површина од два декари до пет хектари.
24.000 денари за лозјата до 30 хектари, и 12.000 денари за површина до 50 хектари. За повеќе од 50 хектари субвенцијата изнесува 4.000 денари.