Досега се откупени 74% од договорното производство на тутун
Николовски потенцираше дека Владата со секоја преземена мерка за тутунопроизводството покажа грижа за оваа гранка, за што говори и исплатата на 5 милиони евра за поддршка на тутунопроизводителите од Ковид програмата.
Според податоците од Државниот инспекторат за земјоделство, досега се откупени околу 74% од вкупното договорено количество на тутун, односно околу 16.500 тони од вкупно 22 илјади тони за коишто се склучени договори, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
Околу 94 отсто од откупениот тутун веќе им е исплатен на тутунопроизводителите од страна на откупувачите. Просечната откупна цена достигна 197 денари по килограм.
„Уште во 2017 година за реколтата од 2017 го реализиравме ветувањето коешто го дадовме на тутунопроизводителите како најбројна категорија на земјоделци кои се занимаваат со оваа значајна земјоделска гранка, која обезбедува над 100 милиони евра девизен прилив во државата. Првенствено преку промена на моделот за субвенционирање што го направивме во 2017 година, воведување на моделот за плаќање по класи, за прва класа 80 денари, за втора класа 70 и за трета класа 60 денари по килограм. Тоа беше ветување пред тутунопроизводителите дадено во 2016 година и реализирано во 2017 година. Донесовме нов Закон за тутун, со којшто се усогласивме со европските директиви и ги олеснивме административните процедури, ги укинавме евидентните листови, тутунарите денеска директно склучуваат договори со откупните компании. Од 2017 година досега се постигнаа највисоки просечни откупни цени за тутунот”, изјави Николовски при посета на прилепскиот регион.
Министерот Николовски потенцираше дека Владата со секоја преземена мерка за тутунопроизводството покажа грижа за оваа гранка, за што говори и исплатата на 5 милиони евра за поддршка на тутунопроизводителите од Ковид програмата.
Продолжуваме да го вреднуваме трудот на тутунарите, да создаваме поволна бизнис клима за откупните претпријатија, и да сме целосно посветени кон тутунопроизводството како една од најзначајните гранки за македонското земјоделство, рече министерот Николовски.