Дождот ја спаси есенската сеидба во велешко
Последните дождови ја подготвија почвата за почеток на есенската сеидба. Досега земјоделците не можеа да ги посеат планираните површини под пченица и јачмен затоа што земјата беше сува и немаше услови за сеење. Наврнатите дваесет до триесет литри на метар квадратен ќе овозможат навреме да заврши есенската сеидба. Површините се подготвени и земјоделците од атарот на селата Иванковци, Сујаклари, Ново Село, Извор, Градско и други веќе ги посеаја првите површини.
– Дождот ја спаси сеидбата. Ако не заврнеше половина и повеќе од површините немаше да бидат посеани. Годинава под пченица и јачмен планирам да посеам 350 хектари кој во споредба со лани се помалку за над 100 хектари. Ниската откупна цена и неорганизираниот откуп посебно на лебното жито е главната причина што ги намалувам површините, рече земјоделец од Иванковци.
Под пченица и јачмен во општините Велес, Чашка и Градско се планираше да бидат посеани околу седум илјади хектари, но овие површини ќе бидат намалени за повеќе од 20 отсто пред се поради увозот на брашно и ниската откупна цена што ја нудат млинарите. Згора на ова земјоделците се соочуваат со проблемот на пласман на јачменот затоа што значително е намален сточниот фонд на Македонија, па нема на кого да го продаваат родот.
Од годинешнава жетва на дел од земјоделците се уште не им е откупен родот на пченицата и јачменот. Некои од нив ја складираа во силосите на Маслодајна и други капацитети. Други пак кои успеаја да го продадат лебното жито на млинарите, се уште немаат добиено пари, што им се потребни како за подготовка на површините, така и за набавка на квалитетен семенски материјал и вештачко ѓубре.