fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

Драстично намалено градинарското производство во струмичко, трговците бараат килограм повеќе

Намаленото производство на земјоделски производи го потврдуваат и од Државниот завод за статистика.

Ако пред повеќе години градинарите од Струмичко секоја производствена сезона не знаеја што да прават со вишокот производство и често го фрлаа и протестираа, а откупувачите го откупуваа по багателни цени, сега нема глас од незадоволните градинари. Улогите како да се сменија-трговците и откупувачите бараат килограм повеќе градинарски производи и со големи маки ги исполнуваат договорите со странските купувачи.

Според откупувачите, и годинава и лани, производството на градинарски култури се повеќе се намалува, а најизразено е кај доматите, краставиците и пролетната зелка. Приносите се преполовени, а трговците сметат дека тоа се должи на сменетата структура на градинарското производство и драстичното намалување на бројот на земјоделците, кои ги напуштаат пластениците и нивите и заминуваат во странство.

– Ако до пред повеќе години откупуваме и извезуваме 380 илјади тони домати, лани откупивме за десет пати помалку, односно околу 40 илјади тони. За цена не прашуваме, бидејќи имаме побарувачка од странство и мака мачиме како да го исполниме договореното. Стравувам да не дојдеме во ситуација да не извезуваме, бидејќи градинарите произведуваат количини доволни само за нашиот пазар, вели Благој Витанов од компанијата „Империјал фруит“.

Намаленото производство на земјоделски производи го потврдуваат и од Државниот завод за статистика.

Во првото тримесечје од 2023 година, откупот и продажбата на земјоделски производи изнесува 3.136.295 илјади денари и во однос на истиот период од претходната година се намалени за 35,3 отсто.

Кај откупот на земјоделски производи од индивидуалните производители е забележано намалување за 58,7 отсто, додека кај продажбата на земјоделски производи од сопствено производство e забележано зголемување за 21 отсто.

Значително намалување е забележано кај полјоделството, рибата и другите производи, а кај останатите производи е забележано зголемување.

Според земјоделецот Ристо Велков и претседател на Сојуз на синдикат на земјоделски производители, од година во година се бележи се поголемо намалување на производството. Смета дека за таквиот тренд има повеќе причини, но најголема е недостигот на работна сила.

– Знаеме дека најрабостоспособното население, исто како и во други стопански гранки, па и во земјоделството, во голем број ја напушта државата. Наместо како досега егзистенцијата да ја бараат во земјоделството, тоа го прават во странство. Дел од нив и таму работат земјоделство, односно работат во текот на тамошната сезона и потоа пак се враќаат тука. Таму заработуваат повеќе, но се враќаат и тука ги трошат парите, констатира Велков.

Додава дека годинава земјоделците треба да се задоволни од висината на откупната цена на нивните производи, иако тоа се должи на намалената понуда.

– Според мене, овој тренд ќе продолжи и затоа неопходно да се направи нова стратегија и реформи во земјоделското производство и дури потоа да почнеме да размислуваме за зголемување на производството, смета Велков.

Од неговите информации градинарското производство во струмичко е намалено за 40 до 50 отсто и тоа скоро на сите градинарски култури, а кај бостанот се очекува уште поголемо намалување заради нестабилната откупна цена.

– Засега може добро да котира индустриската црвена пиперка, која е засадена на поголема површина и доколку има интерес за неа и се откупува за просечна цена од 25-30 денари за килограм, тогаш таа ќе остане на нивите. Во спротивно и неа ќе ја снемува од производството, посочи Велков.

Подвлече дека на намалувањето на градинарското производство влијаат и климатските промени, посебно на производството на отворено и затоа и затоа треба да се размислува како да се намали влијанието на лошите временски услови, но и да се користат искуства од други земји за засадување на култури кои се поотпорни на промените.

Трговците половина на шега, половина на вистина велат дека се оди и се бара, само нема производство.

– За десетина денови завршува првиот производствен турнус под пластеници и стакленици, посебно на доматите и краставицата. Е, тогаш може да се соочиме со недостиг на градинарски производи додека да стаса вториот циклус. Но, генерално драстично е намалено производството на сите градинарски култури, со исклучок на индустриската црвена пиперка, вели трговецот Благој Витанов.

Тој смета дека дел од причините за намалувањето на производството се и во ниските откупни цени пред неколку години и несигурниот откуп, кога одредени култури се откупуваа по багателни цени.

– Токму заради тоа земјоделците сега садат повеќе култури на иста површина за да можат да заработат од една доколку другата култура не оди. Но, дефинитивно количините се намалени и затоа се соочуваме со недостиг на производство, посочува Витанов.

Според трговците, градинарското производство од струмичко годинава се извезува на пазарите во Бугарија, ЕУ, Украина и поранешните југословенски пазари, но во многу помали количини во споредба со порано.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close