Тетово во 2017 година доби еколошко дрво во форма на билборд, кој имаше за цел да го прочистува градот, кој речиси преку цела година се гуши во загаден воздух.
Дрвото поставено во центарот на градот требаше да ги апсорбира штетните ПМ 10 честички од воздухот, преку мовта на дрвото засадена во садниците.
Но дрвото не издржа ние шест месеци. Садниците се корнеа, а градските власти не го одржуваа доволно. По реакцијата на еколошките организации еко дрвото се доведе ако може да се каже во нормална состојба, но и ова лето не издржа. Истото повторно беше нападнато од несовесни граѓани, при што беше демолирана и конструкцијата на еколошкиот билборд.
–Тука во Тетово ништо позитивно не може да се одржи. Кога е загаден воздухот сите граѓани се бунат дека дишат отрови, и кога го поставија дрвото кое го прочистива воздухот навалија на него, почнаа да го корнат, мислат дека дома со садниците ќе им се прочисти воздухот, не се свесни дека само штета прават на самите себе. Многу сме нецивилизирани, вакви еколошки дрвја по западните земји има доста, и никој не ни помислува да го оштетува дури и се грижат за него, а ние ги корнеме садниците, катастрофа, вели еден жител на Тетово.
Од Еко свест кои учествуваат во проектот за поставување на Еко дрвото, нагласуваат дека неговиот опстанок зависел од грижата на Јавното комунално прептријатите Тетово, кое треба да го одржува системот за наводнување инсталиран во самото дрво, а општината да води сметка и контрола на самото дрво, и во соработка со полиција да ги санкционира тие кои се однесуваат вандалски кон него.
Градоначалничката на Тетово Теута Арифи, како и секоја година, и годинава вети дека ќе се набават нови садници и ќе се поправи системот за наводнување на дрвото. Но овој одговор го даде пред околу 6 месеци , но состојба со дрвото оттогаш до денес е уште полоша.
Еко дрвото во вредност од 25.000 евра е поставено како донација од Германија и од неколку домашни фирми..
–Еко дрвото има ефект како 275 засадени дрвја, и може да го компензира загадувањето од 417 автомобили, наведоа еколошките организации, кога се постави еколошкото дрво
Зелениот билборд наречен Градскодрво е вертикална конструкција направена од мов, висок е 4 метри, а широк 3 метри и со длабочина од 60 сантиметри.
Овие зелени билборди се веќе поставени во поголемите градови низ светот како што Берлин, Дрезден, Париз, Осло, Хонг Конг.
Зоран Димовски