fbpx
Вести

Економски патриотизам го зафаќа Балканот

lubenici

И покрај тоа што е познат како регион во кој има извонредни услови за одгледување прехранбени култури, Балканот очигледно не може да го издржи притисокот на глобализацијата и отворената трговија што го поттикнуваат увозот и негативно влијаат врз напорите за развој на домашното производство. Ништо подобра не е состојбата и во Македонија, во која и покрај милионските субвенции во земјоделството сѐ повеќе се зголемува јазот меѓу увозот на храна и домашното производството, односно увозните производи ги истиснуваат домашните од пазарот.

Ваквите загрижувачки трендови го вклучија алармот кај актуелните владејачки гарнитури во повеќе земји од регионот и тие сега бараат начин да го разбудат таканаречениот економски патриотизам кај домашното население за да придонесат кон зголемување на свеста од потребата да се купуваат домашни производи, па дури и ако се поскапи од увозните. Некои земји, како Словенија, која е дел од Европската Унија во која строго се забрануваат протекционистички мерки воведуваат инвентивни начини за да поттикнат купување словенечки производи.
Словенечката влада неодамна објави дека за промоција на домашни намирници, словенечкото министерство за земјоделство ќе издвои 3 милиони евра.

– За да немаме наплив на увезени производи, кои се евтини, а не се квалитетни, една од стратегиите е укажување на предностите од купување домашна стока, но исто така и на нејзиниот квалитет – велат од тамошното министерство за земјоделство.
Словенечките маркетинг-експерти објаснуваат дека испраќањето порака како „јадете словенечка храна“ е забрането во ЕУ, но тоа може да се каже и на друг начин односно преку истакнување на квалитетот на домашните производи.
На ваков потег Словенците најмногу ги натера руското ембарго, поради тоа што многу производи од странско потекло завршија на нивниот пазар. Така, кога одеднаш во Словенија пристигнале огромни количества евтини јаболка од Полска, словенечките власти едноставно им порачале на граѓаните „да не јадат овошје што поминало толку пат“.

Ваквите мерки резултираат со позитивни резултати. Имено, во Словенија околу 66 отсто од граѓаните сакаат да јадат храна произведена во таа земја особено откако се приклучија на ЕУ и повеќе ги читаат декларациите, односно потеклото на производот. Дури и кога е поскапо, секој втор Словенец е подготвен да купи домашен производ.
Според мислењето на агроекономскиот аналитичар Војислав Станковиќ прашањето за економскиот патриотизам директно е поврзано со куповната моќ. Во државите со низок стандард како Србија, Македонија, Босна и Херцеговина, купувачите се водат според цената и купуваат поевтини производи без оглед на нивното потекло.

– Ако имате 2,17 евра дневно за храна не размислувате за патриотизмот, туку размислувате како да преживеете – вели Станковиќ.
Милан Ристиќ, претседател на здружението „Моја Србија“, вели дека просторот за промоција на домашни производи постои кога некој сака да го најде и дека граѓаните сакаат да купуваат домашна храна.

– Има можности за да се охрабрат домашните произведувачи, но проблемот е што голем број граѓани не знаат што се произведува овде – изјави Ристиќ за „Политика“.
Тој додава дека економскиот патриотизам не расте само во регионот туку е силно присутен во Америка и во Европа.
Габриела Арсова-Милошевска, сопственичка и управителка на „Агромакс“ – Берово преработувачки капацитет за сушење и преработка на сини сливи и други овошје и зеленчук смета дека македонските потрошувачи би знаеле да ги препознаат македонските производи, кога би можеле да ги најдат во маркетите поставени на пристојни места.

– Кампањата „Купувајте македонски производи“ и нашите сопствени реклами се доволни за да се препознаат домашните производи, проблемот е што тие многу малку се достапни на пазарот. Тешко се пробиваат до маркетите, условите за влез се многу сложени и скапи, позиционирањето уште потешко, а дури и да се успее да се влезете некаде дистрибутерите немаат никаков интерес да пробиваат и дистрибуираат домашни производи. Полесна и подоходовна им е дистрибуцијата на познати, во поголем број увозни брендови – истакна Арсова-Милошевска.
И таа смета дека домашните потрошувачи пред сѐ бараат поевтини производи независно од тоа од каде потекнуваат.

– За жал, цената е основниот критериум, па дури и кога се купуваат производи на пазарите за кои не се знае ниту од каде се, ниту кој ги произведува. Мора да сме свесни дека не може да е поевтин увозниот од домашниот производ кога станува збор за еднаков или сличен квалитет – нагласува Арсова-Милошевска.
Според неа, важно е да се верува во домашниот производ. Купувајќи домашни производи се помага развојот на сопствената економија, се овозможува градење домашни брендови, а во исто време директно се влијае на подобрување на квалитетот и технологиите и на производството и во преработките.


 

мртв

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close