Државата ќе ги обесштети лозарите за ненаплатеното грозје последните пет години

 

Лозарите и Владата се договорија. Протести и блокади за Св Трифун нема да има откако министерот за земјоделство лично дојде во Кавадарци и на градскиот плоштад пред тиквешките лозари соопшти дека е најдена законска можност државата да ги исплати долговите кон лозарите за предаденото грозје а неисплатено за изминатите пет години. Со брза измена на законот за која е договорено уште во понеделник пратениците од тиквешијата да ја поднесат во собранието ќе се создадат услови за на посебна владина седница во четврток  пред распишување на изборите Владата да донесе одлука за исплата на парите кои лозарите ги имаат за земање за предаденото грозје главно во Повардарие и Стефанс Вајнери но и други кои имаат вакви побарувања од 2014 година. Вкупниот долг кон лозарите за неплатеното грозје се проценува на 1,5 до 2 милиони евра.

– Недозволиво е тоа што го правеле во минатото некои регистрирани субјекти кои откупувале грозје и го ставале под залог, правеле вино и извезувале, а грозјето не го плаќале. Затоа во изминатиот период заедно со пратениците, градоначалниците, директори на институции, баравме решенија на многу средби. На 1 јуни 2017 година „Повардарие” должеше приближно четири милиони евра. Денеска е околу еден милион. Сметаме дека нема повеќе време да чекаме за лозарите да бидат исплатени, рече Љупчо Николовски министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Според најавите од министерот лозарите парите од обесштетувањето но и парите од субвенциите треба да ги добијат на своите сметки до крајот на месецов.

Дел од лозарите на градскиот плоштад сепак изразија негодување за ваквата одлука да се исплати само основниот долг а не и каматите и трошоците за адвокати и извршители кои им се признаени од стечајниот управник и се дел од вкупниот долг.

Јас имама за земање 60 илјади денари за предадено грозје. Но во судскиот процес имам направено 35 илјади денари трошоци за адвокати и извршител кои сега ќе си ги наплатат парите и за мене нема да останат ни половината а знам лозари кои имаат за земање 20 илјади денари од кои со оваа одлука нема да земе ни 5 илјади денари бидејќи другите мора да ги даде за судските трошоци рече лозаропроизводител од Кавадарци.

Пратеникот Панчо Минов појасни дека има законско решени и за судските трошоци и каматите.

– По однос на каматите и судските трошоци, побарувањата на лозарите остануваат пред винариите. Тој проблем нема да биде запоставен и нетретиран. Има решение и за тоа. Има решение и во делот на договорите во кои дваесет проценти мораа да го земаат во пестициди. И тоа го презема државата и тоа се третира како долг. Голема работа се постигна благодарение на соработката меѓу повеќе субјекти. Во буџетот за 2019 година има предвидено средства за оваа работа, нагласи Минов.

Освен обесштетувањето лозарите добија ветување дека ќе се иницираат и законски измени со кои во иднина лозарите ќе бидат заштитени и за предаденото грозје ќе имаат сигурна наплата од винариите.

З.Б.

Share Button