Сушен крап е специјалитет во Нивици
Во селото сите жители се со словенско потекло и македонскиот јазик моментално е зачуван на средно ниво.
Селото Нивици се наоѓа во Преспански Регион кој што припаѓа на територијата на Република Грција. Тоа претставува дел од најјужниот дел на големото Преспанско Езеро во регионот наречен Сува Гора кој фактички претставува продолжеток на планината Галичица. Нивици претставува традиционална рибарско-планинска населба до која се стигнува преку градот Лерин на оддалеченост од 59 километри. Патот води преку планински превој кој што се наоѓа на релативно голема надморска височина и се движи северозападно од Лерин.
Името на селото од Нивици во Псарадес (на грчки терминиот Псарија во превод значи риба) е променето во 1928 година. Иако селото се наоѓа многу блиску до тромеѓата на границите на три држави, сепак до него не се пристигнува лесно. На некој начин тоа е изолирано од главните сообраќајници кои водат до поважните населени места и градовите. Ова како последица во иднина може да претставува голем проблем за негово опстојување. Единствено во догледно време оваа ситуација може евентуално да ја ублажи отворањето на преминот Маркова Нога со што ова село би се интегрирало со останатиот дел од Преспа.
Сепак како последица на модерните економски текови каде што поголемите населени места нудат многу повеќе можности, моменталниот број на жители опаѓа и се движи на околу 80 мештани за разлика од пред неколку децении кога тој број изнесувал околу 750 жители. Од ова може да се заклучи дека во селото владее депопулација. Сите жители се со словенско потекло и македонскиот јазик моментално е зачуван на средно ниво.
Главниот извор на приход на овдешните жители претставува риболовот, сточарството, угостителството и туризмот. Тоа е единственото село на брегот на едно од двете преспански езера во Грција и претставува традиционална рибарска населба.
Крапот е риба со големо стопанско значење. Истиот е присутен со голема популација во водите на овој дел од езерото и е многу значаен за опстанокот и препознатливоста на селото. Крапот кој што овде се лови е константно присутен на рибниот пазар во Лерин и околните места во текот на целата година. Исто така тој претставува и локален специјалитет на угостителските објекти кои што се наоѓаат покрај езерото. Грчката популација иако по правило преферира консумирање на морска риба, сепак рибата крап Грците ја консумираат во доволни количини за експлоатацијата да биде економски оправдана.
Припремата на крапот се врши на традиционалниот преспански начин т.е. печен кој вклучува додавање на лук, магдонос, кромид, морков и бело вино. Просечната тежина на уловениот преспанскиот крап во овие води изнесува 4 килограми. Постои народна изрека за приготвениот крап на преспански начин дека тој плива три пати и тоа: еднаш во вода, еднаш во масло и третиот пат во квалитетно бело вино.
Како специјалитет во менито на рестораните во Нивици може да се добие чорба од икра и ќофтиња од икра. Икрата од крапот е многу квалитетна за консумирање и е достапна во текот на целата летна сезона, поточно од месец мај до август кога крапот се мрести.
Во селото Нивици се уште се практикува сушење на крапот. Оваа постапка на сушење за одложена употреба во останатиот дел на Преспа е заборавена и неповратно изгубена.
Текст и фотографија: Игор Петровски