вестиРурална ЖенаТоп вести

Елизабета Дуковска-Образована, вредна на нива, вешта во кујната

Дуковска, покрај земјоделието, наоѓа време за да ги покаже своите кулинарски вештини. Да се биде мајстор во кујната не е едноставна работа, особено не, кога зготвените специјалитети треба да се претстават пред јавноста на разни манифестации или пак, да се донираат во добротворни цели.

Елизабета Дуковска од пелагониското село Ношпал има 42 години. Таа е дипломиран инженер по биотехнологија на анимални производи на Биотехничкиот факултет во Битола, но иако имала понуди не се реализирала да работи според професијата, туку животната егзистенцијата ја обезбедува од земјоделие, работи неуморно на нивите со тутун, пипер, на бавчите со раноградинарски култури.

Дуковска дипломата ја тргнала на страна, а како една од причините за тоа вели дека бил несоодветниот превоз од нејзиниот дом во Ношпал до една од млекарниците во Битола. Пречка за нејзиното реализирање во исто време е што таа не поседува возачка дозвола.

-Јас сум дипломиран инженер по биотехнологија, а работам земјоделие. Имав понуди од млекарниците во Битола, но не ми одговараа смените, немав превоз за на село, а не сум ни возач. Работата беше во смени, а автобусите од градот до Ношпал не се редовни, требаше со саати да чекам превоз или пак воопшто да немам автобус. Децата ми беа мали и не се решив на тој чекор, вака Дуковска ја започнува својата приказна за „Зелена берза“.

Не крие дека жали за пропуштената шанса, но сепак максимално се посветила на земјоделието.

-Многу ми е криво, мака ми е што не работам со професијата. Никогаш не е доцна да го заменам земјоделието со работа во фабрика. Старите велат ако не заврне  ќе капне, во фабриките е постабилно, а вака со земјоделието секогаш сме оставени под ведро небо, вели Дуковска.

Руралните општини со ограничен пристап до јавен превоз

Селскиот  живот и недостатоците што произлегуваат од него им влијаат на жените од руралните средини на различни начини. И покрај тоа што руралните жени имаат многу заедничко со жените од урбаните области, сепак разликите се определени од големите растојанија на руралните средини од центарот на градот, и ограничените понуди на јавните услуги, ограничениот пристап до јавен превоз. Сликата во целост е дека  руралното население не е задоволно со основните услуги и со инфраструктурата што ја имаат на располагање.

Тука важно е да се разгледа капацитетот за користење превозни средства во приватна сопственост, но и за тоа секој не е во можност. За жал родовите стереотипи што се однесуваат на управување моторни возила сè уште постојат. Бројни анализи покажуваат дека бројот на жени што управуваат со моторни возила е помал од бројот на мажи во руралните средини, додека управување тешка земјоделска машинерија се уште се смета за машка работа.

Земјоделието како начин на живот

Семејството Дуковски обработува 30 декари сопствено земјиште и 26 декари по наем.

Тутунот е застапен на 12 декари ниви, исто толку и пиперката (куртовска капија). Годинава Дуковски предале 1,8 тони тутун. Поголемиот дел бил преценет втора класа на 218 денари, за што очекуваат субвенција од 72 денари по предаден килограм.

-Не сум регистриран земјоделец и сметам дека во земјоделието е најнеизвесен пласманот на производите и цените. Можеби тутунот е најстабилен, но со пиперката-капија секоја година е катастрофално. Еве годинава на почеток беше добар откупот, потоа веднаш криза. На почеток ни плаќаа 22 денари, па намалија на 20, па на 18 денари за килограм. Потоа трговците го прекинаа откупот, па падна драстично цената. Големи манипулации, а ние имаме работа на нивите и не можеме да одиме по пазарите самите да продаваме, објаснува нашиот соговорник и не крие дека последните години целото семејство е вклучено во обработката на нивите и помалиот син од 16 години и повозрасниот од 21 година. Сепак Дуковска не размислува да се оствари како жена претприемач, сама да води земјоделско стопанство.

-Неколку години сами работиме и успеваме да сработиме. За сега воопшто не сум размислувала да се остварам како жена претприемач, пред се заради административните процедури кои што ме нервираат. Знам за мерките што можеме како регистрирани земјоделци да ги користиме, но ете досега не сум се одлучила на тој чекор. Механизацијата ни е стара, наследена од нашите родители, сами си обновуваме се што ни треба, за да ни биде полесна работата, вели Дукoвска.

Жените од руралните средини немаат многу слободно време, особено не за кино и театар. Дуковска вели дека и она малку време што го има на располагање го користи за да се одмори од земјоделските работи, да си посвети внимание на себе.

-Порано одевме и на концерти и на забави. Но затоа пак сега се дружиме со соседите. Ќе излеземе на порти, понекогаш и кафе ќе се напиеме, си муабетиме, и песна знаеме да си удриме, вели таа.

Вредна на нивите-вешта во кујната

Дуковска, сепак, наоѓа време за да ги покаже своите кулинарски вештини. Да се биде мајстор во кујната не е едноставна работа, особено не, кога зготвените специјалитети треба да се претстават пред јавноста на разни манифестации или пак, да се донираат во добротворни цели. Дуковска со гордост ги покажува своите дипломи за учество на бројни манифестации за домашно подготвена храна и специјалитети од нашата традиционална кујна.

-Секаде каде што имам можност учествувам на натпревари со готвење на храна. И добро поминувам. Готвам главно јадење и благо. Мој специјалитет се еклерите, за што треба да се погоди печењето во добар електричен шпорет. Тајната е да се знае како да се испечат. Јас тоа го правам на 200 степени и воопшто не ја отворам рерната половина час.

 

Еклерите на Бети

За тесто:

-1 чаша вода,

-1/2 чаша масло,

-1 чаша брашно,

Водата и маслото да зовријат се дотура брашното и 1 прашок за пециво, откако смесата ќе се излади се дотураат 4 јајца, едно по едно. Убаво се меша, се формираат и обликуваат еклерите со лажичка или со калап и се печат.

Фил:

-2 ванила пудинг се варат со половина литар млеко и 6 лажици шеќер. Потоа пудингот изладен се бие со пола маргарин со 2 лажици шеќер во прав. За декорација може чоколадо или шеќер во прав.

 

Анета Блажевска

 

 

 

 

 

 

 

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close