Македонија троши стотици милиони за увоз на храна

(Oвој напис е објавен на: February 20, 2019)

Македонија станува се позависна од храна од странство. Увозот има континуирана тенденција на раст.

Само минатата година за оваа ставка се одлеале фантастични 628 милиони евра што е нешто над 8% од вкупниот извоз. Дополнителни речиси 82 милиони се потрошиле за пијалаци и тутун.

За десет години увозот на храна се зголемил за 180 милиони евра, во 2008-та бил 424 милиони, а во 2018-та достигнал 605 милиони.

Од друга страна извозот на храна лани бил 319 милиони, а дополнителни 194 милиони биле инкасирани од пијалаци и тутун.

Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека увозот расте многу побрзо од извозот, заради што дефицитот во трговијата со храна секоја година се зголемува.

Ако се анализира структурата на извозот и увозот на храна, се доаѓа до заклучок дека над 50% од извозот се должи на свежо овошје и зеленчук, додека најголеми увозни ставки се месо, жито, овошје и зеленчук и млечни производи.

„Проблемот не треба да се лоцира само кај примарното произвдство туку особено кај преработувачката индустрија. Ние извезуваме свеж зеленчук и овошје а потоа трошиме милиони за да увеземе замрзнат или конзервиран. Ова се провлекува уште од времето на СФРЈ. И тогаш нашите домати одеа за Словенија, за овде да се вратат како кечап. Потребни се сериозни структурни промени“ објаснува Тања Соколовиќ, агроекономист.

Десетици милиони евра годишно се одлеваат од земјата за увоз на конзервиран или замрзнат зеленчук и овошје. Само лани за увоз на конзервиран зеленчук и овошје сме потрошиле 31.4 милиони евра. Вредноста на замрзнат грашок кој сме го увезле изнесува 713 илјади евра, а увозот на замрзната боранија 350 илјади евра, додека за замрзната пченка сме потрошиле 167 илјади евра.

И додека Македонија троши стотици милиони за увоз на храна над милион хектари земјоделско земјиште остануваат необработени.

Од вкупната површина на државата, 25.713 квадратни километри, 12.670 квадратни километри или 1.267.000 хектари се земјоделска.

Најголем дел или 7.500 км2 се пасишта, ораници и бавчи се 4.170 км2, ливади 590 км2, лозја 240 км2, а овоштарници 160 км2.

Речиси половина од земјоделското земјиште е во сопственост на земјоделски претпријатија и задруги, а нешто над половина на индивидуални производители.

Статистичарите пресметале и дека речиси половина од ораниците и бавчите остануваат незасеани – од околу 4.170 км2 засеани биле нешто под 2.800 км2.

„Целата економија трпи огромни штети. Се трошат пари за пченица и пченка, а имаме одлични климатски услови за тоа, можеби не како во соседна Србија, но сепак со мали инвестиции и ние може да бидеме конкурентни“, објаснува агроекономистот Тања Соколовиќ.


 

denar.mk

Share Button