вестиТоп вести

Европа го чека македонскиот органски зеленчук

Производство и извоз на органска храна на западноевропските пазари и пошироко е иднината на македонското земјоделство. Бројот на луѓе кои купуваат здрава храна секојдневно расте, а органското производство веќе не е само тренд, туку одржлив систем кој успешно функционира во многу држави.

evropa go cheka makedonskiot organski zelenchuk

 

Пазарот на органски производи во Европа во последните петнаесетина години пораснал од 15 милијарди долари во 1999 година на 90 милијарди долари лани. Најголеми потрошувачи на органска храна во светот се САД и западноевропските држави. Нивните пазари во најголем дел се снабдуваат со еколошки производи од источна и југоисточна Европа. Западна Европа троши 42 проценти, а произведува само 15 проценти од органската храна во светски рамки. Најбарани еколошки продукти на европскиот пазар се јајцата, лебот и зеленчукот. Најмногу пари за органска храна трошат Швајцарците 221 евро на жител, иако официјално најголем пазар за здрава храна е германскиот со околу 8 милијарди евра.

„Органското производство бара употреба на современа технологија и многу знаење и во жетвата и пожетвените активности. Плевелот во органското производство се решава без хемиски препарати за што е потребна едукација на земјоделците. Сепак, пазарот за органски производи е голем и има потреба од нови производители. Тука е шансата за македонските земјоделци”, вели Сузана Димитриевска, членка на органската фарма „Липа” од Мустафино.

Таа деновиве ги очекува првите количини од родот на две сорти органски грав, засаден во рамките на проект на ИМЕ-програмата на Швајцарската агенција за развој и соработка. Двете органски сорти „ред кидни бин” и „борлоти” се засадени на 3 хектари, a приносите од 2,5 тони по хектар ги надминале очекувањата. Целата количина на гравот ќе се пласира на швајцарскиот пазар.

„Иднината на Македонија е во органското производство. Co оглед на природните услови и големината на пазарот, за да бидеме успешни во земјоделството мора да се насочиме кон специфично производство каде што можеме да понудиме голем квалитет”, смета Димитриевска.

Еколошкото земјоделство, според експертите, е најголемата шанса за Македонија да го зголеми извозот на здрава храна. Во моментов кај нас има 481 сертифициран производител со околу 3.000 хектари земја, за разлика од 2011 година кога еколошко земјоделство практикувале 780 земјоделци.

Најчестите проблеми со кои се соочуваат нашите земјоделци кои сакаат да се ориентираат кон органско производство, според професорката на Факултетот за земјоделство и храна Рукие Агич, се обезбедувањето инвестиции, пласман на храната, како и едукација за употребата на дозволени био-препарати.

„Освен едукацијата и финансиската поддршка на земјоделците кои преминуваат на органско производство, едно од поважните прашања кои мора да се решат е процедурата за увоз на семиња, која во моментов е премногу комплицирана. Исто така, мора да одлучиме дали ќе се ориентираме на увоз на семенски материјал или ќе почнеме да произведуваме домашен”, вели Агич.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close