„Фајнанс тинк“: Што вети, а што оствари Владата на економски план
Пет ветувања од Програмата на Владата 2020-2024 се исполнети
Пет ветувања од Програмата на Владата 2020-2024 се исполнети, четири се во насока на исполнување, а 12 ветувања се во спротивна насока од ветената, покажува најновиот извештај „Големи економски ветувања, големи потфрлања“ направена од страна на „Finance Think“.
– Политичките ветувања од економско-социјалниот домен преточени во Програмата за работа на Владата 2020-2024 година се остваруваат со различна динамика, но вкупниот заклучок е дека остварувањето е недоволно за да може да се каже дека тие се исполнуваат. Скоро половина, односно 44,4 проценти од дадените ветувања во економско-социјалниот домен, моментално се остваруваат во насока спротивна од даденото ветување. Причините за оваа состојба се нереалистичното поставување на таргетите имајќи ги предвид претходните остварувања, нереалистично поставување имајќи предвид дека економијата е во криза предизвикана од пандемијата, како и поставување таргети кои може да го нарушат пазарот или кои може да блокираат неразумно голем контингент буџетски средства за ветувањето да се реализира, се наведува во извештајот.
Во делот на исполнетите ветувања се посочуваат намалувањето на стапката на ДДВ за ресторански услуги на 10 проценти, на занаетчиските услуги на 5 проценти, подигнувањето на регистрацискиот праг за ДДВ на три милиони денари и незголемувањето на стапката на данокот на добивка. Остварено е и ветувањето за намалување на сивата економија во делот на работници кои работат без договор за вработување при што таргетот од 14 проценти во 2024 година, веќе е постигнат во 2020 година кога овој процент изнесува 13,6 проценти.
Две ветувања или 7,4 проценти не се исполнети и тоа намалувањето на персоналниот данок на доход во ИТ индустријата до 0 проценти во 2023 година, со предвидено намалување на 5 проценти во 2021 и 3 проценти во 2022 година, како и зголемувањето на минималната пензија на 10.700 денари во 2021 година.
Според „Finance Think“, четири ветувања или 14,8 проценти се во насока на исполнување. Тие вклучуваат одржлив и инклузивен раст од четири проценти, обем на странски директни инвестиции до вкупен износ од една милијарда евра до 2024, зголемување на извозот до осум милијарди евра во 2024 година и пораст на просечната плата за 20-30 проценти до 2024.
Дванаесет ветувања или 44,4 проценти се во насока спротивна од ветената. Оваа група, како што наведува „Finance Think“, вклучува широка лепеза ветувања, чиешто потфрлување се класифицира во неколку подгрупи. Тука спаѓаат ветувањата поврзани со инвестициите како што се оние за зголемувањето на обемот на капиталните инвестиции до 2,2 милијарди евра и зголемувањето на обемот на инвестициите во патишта до 2 милијарди евра во 2024 година и зголемувањето на приватните домашни инвестиции за 1,2 милијарди годишно.
– И покрај значајно пониските (но, сами по себе, не неопходно ниски) остварувања во периодот 2016- 2019, таргетите се поставени нереалистично високо, се наведува во извештајот.
Во делот на ветувања кои одат во спротивна насока се посочуваат и ветувањата за зголемување на продуктивноста, за бројот на фирми, намалувањето на невработеноста до едноцифрена
стапка, поголемата вработеност на младите, намалувањето на неактивноста, зголемувањето на вработеноста на жените, како и ветувањето за растот на минималната плата.
– Имено, иако минималната плата забележа солиден раст и во текот на пандемијата, под влијание на законското усогласување со растот на БДП, платите и цените, сепак нејзиниот раст е недоволен за да го испорача даденото ветување, се вели во извештајот.
„Finance Think“ препорачува поставувањето на целите во програмите на политичките партии да биде реалистично и да води сметка за изводливоста и чинењето. https://nezavisen.mk/fajnans-tink-shto-veti-a-shto-ostvari-vladata-na-ekonomski-plan/