fbpx
ВестиТоп вести

Ги преброивме коњите и магарињата, уште да ги чипираме

Инфективната анемија го вклучи алармот. Ако не се појавеше, пребројувањето и обележувањето на копитарите во земјава ќе почекаше – до почетокот на преговорите за членство во ЕУ, како што предвидуваа надлежните. Но, болеста не само што им го изјалови планот, туку и ја забрза целата постапка.

Веднаш откако се утврди присуство на инфективна анемија во 2017 година (најпрво во кумановскиот регион, кај Скопска Црна Гора, а потоа и во струмичко Ново Село кај неколку грла), Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) направи сеопфатна мониторинг-програма и дојде до сознание дека ќе мора да се спроведе попис на коњите, магарињата, мулињата и мазгите.

Пописот беше заокружен лани. Според добиените резултати, во државава се регистрирани 6.672 копитари, од кои 5.293 коњи, а останатите се мазги, мулиња и магариња. Вкупно се евидентирани и 4.323 одгледувалишта.

Со внесување на податоците од спроведениот попис на копитарите, почна воспоставувањето на системот за идентификација и регистрација. Првпат добивме податоци за бројната состојба на овој вид животни.

-Досега копитарите не беа обележувани, ниту со закон беше дефинирана ваква обврска. Ја наметна нашето тежнеење да се хармонизираме со европското законодавство. Но, иако ценевме дека тој процес требаше да го спроведеме кога ќе почнат преговорите за членство во ЕУ, во 2017 година на територијата на земјава се појави болеста инфективна анемија. Станува збор за вирусно заболување, слично на сидата кај луѓето. Лек нема. Единствено решение е хумано убивање на животното и негово нештетно отстранување, вели за МИА директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Зоран Атанасов.

Според него, подготвен е и модулот за електронско евидентирање на копитарите, што сега е во фаза на тестирање, по што ќе следува идентификувањето со микрочипови и нивно внесување во системот. Системот ќе овозможи следење на регистрираните животни од раѓањето до смртта, вклучувајќи ги и записите за сите движења, датумите на движењата, како и одгледувалиштата од кои потекнуваат и на кои се придвижуваат животните. Системот ќе овозможи внесување, чување и анализа на податоците поврзани со здравствената состојба на секое регистрирано животно, вклучувајќи ги вакцинациите и резултатите од извршените лабораториски испитувања.

-АХВ ќе набави околу 30.000 микрочипови. Нивното аплицирање, кое чини 940 денари, годинава ќе биде на товар на АХВ, а од 2020-та ќе треба да си го покријат одгледувачите и сопствениците на копитарите, информира директорот.

Атанасов објаснува и дека согласно законската рамка, информатичкиот систем првпат ќе овозможи спојување на потребните документи за идентификација и регистрација (пасош и здравствен сертификат) во еден документ за движење – сертификат за здравствена состојба на животното, што ќе се печати директно од системот. На овој начин ќе се добијат точни податоци за спроведените превентивни здравствени мерки на животните, како и податоци за одгледувалиштето на кое се наоѓаат.

-Покрај гореспомнатите активности, неопходни беа и измени и дополнувања на постојниот Закон за идентификација и регистрација на животните, како и подготовка на Правилник за идентификација и регистрација на копитарите. Законот за идентификација и регистрација предвидува копитарите да бидат идентификувани со микрочип, што е во согласност со ИСО-стандардите 11.784 и 11.785, ист како кај домашните миленици. Апликацијата на микрочиповите ќе ја вршат ветеринарните друштва кои со АХВ имаат склучено договор за спроведување превентивни здравствени активности, нагласува Атанасов.

АХВ во соработка со Македонската ветеринарна комора ќе изврши обука на сите корисници на ситемот, како што се ветеринарните друштва, ветеринарните инспектори и вработените во Агенцијата.

Инфективната анемија типична за копитарите

Инфективната анемија не е патогена и се јавува само кај копитарите. Ја пренесува коњската мува. Болеста ја има речиси во сите европски земји. Се шири бавно зашто вирусот во усниот апарат на мувата може да преживее прелетување од максимум 200 метри оддалеченост.

– На сточарите им е кажано да преземат сигурносни мерки во одгледувалиштата. За заштита од коњски муви се ставаат мрежи/прегради на прозорите и вратите. Добро е да се избегнуваат и контакти меѓу животните, добитокот да не се пасе во утринските часови. Кај говедата се употребуваат и антирепеленти – средства кои ги одбиваат мувите и комарците. Ова важи за сите вектор-преносливи болести, посебно за оние што се пренесуваат со муви или комарци, објаснуваат надлежните.


 

brif

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close